Граѓаните да поднесат годишна даночна пријава

Повеќе од 3.300 даночни обврзници од Куманово до сега ги пријавиле своите приходи во управата за јавни приходи. Надлежните ги повикуваат граѓаните својата даночна обврска да ја завршат навремено, во законскиот рок.

-Во Куманово заклучно со 15.02.2017 година се примени 3.352 пријави, а во Крива Паланка се примени 890 пријави. Апелираме да не се чекаат последните денови пред истекот на крајниот рок 15-ти март 2017 година со цел избегнување на метежи во даночните канцеларии, изјави Сузана Стошевска Николовска , портпарол на УЈП, Регионална дирекција Куманово

Од даночното одделение потенцираат дека приходи пријавуваат само оние граѓани кои што во изминатата година освен редовната плата или пензија, оствариле и дополнителни приходи од кирии , авторски права, индустриска сопственост, исплатена дивиденда, капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот, поединечна добивка од општи игри на среќа, игри на среќа преку специјализирани странски интернет страници, интернет (е-трговија,  лични примања од странство за активности поврзани со работењето во Република Македонија, ако се работно ангажирани во амбасада, мисија на меѓународна организација и слично

-Даночни обврзници кои во 2016 година оствариле приход само по основ на плата, пензија, вршење на самостојна или земјоделска дејност немаат обврска за поднесување на годишна даночна пријава.  Заклучно со 13.02.2017 година, 51.616 граѓани ја исполнија својата даночна обврска, а во наредниот период се очекува уште над 350.000 даночни обврзници да ги пријават приходите во УЈП, изјави Стошевска Николовска.

Надлежните потсетуваат дека даночното одделение во Куманово работи секој работен ден од 8 часот и 30 минути до 18 часот ,  а  во сабота од 8 часот и 30 минути до 14 часот.

Инаку, на даночниот обврзник ќе му се изрече глоба ако не поднесе годишна даночна пријава во пропишаниот рок или пријави приходи во помал износ отколку што тој фактички изнесува, или не ги пријави приходите.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)