Граѓаните погрешно ги празнуваат Духовден и Задушница

На Задушница и Духовден, двата дена во православното христијанство кои се посветени на душите на умрените, граѓаните масовно одат на гробишта. Според обичаите и верувањата на Кумановци, на овие денови се раздаваат лепчиња, пити и погачи во спомен на најблиските. Повеќето одат на гробните места, некои палат свеќи во црквите, а има и такви кои што делат храна на блиските соседи. Според свештениците од кумановско-осоговската епархија носењето храна на гробишта е погрешно. Тие велат дека за спомен на починатите на гробните места треба да се однесе само пченица и вино.

-Мора да разграничиме јадењето на храна важи само за живите. Јадењето се носело  за да се даде на сиромашните. Ние на умрените не можеме да им дадеме ниту облека, јадење, пиење, цигари ништо за нив не важи. Единствено нешто што можеме да го принесеме како дар е молитвата-изјави Игор Здравковски, портпарол на кумановско-осоговска епархија.

Инаку во кумановскиот регион традиција е и ноќно бдеење на гробиштата. Луѓето сметаат дека тогаш  се сретнуваат со починатите. Од епархијата нагласуваат дека бдеењето, не е белег на православието.

-Сосема погрешно е да се излегува навечер, да се јаде,  пие. Имаме таква пракса кога ќе се вкорени нешто што е неправилно, сите да го имитираме-додаде Здравковски.

Тој додава дека наместо во недела, на Света Троица луѓето да присуствуваат на литургии во црквите и да се помолат за здравје, тие нема да дојдат бидејќи ноќта ќе ја поминат на гробните места.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)