Граѓански концепт за буџетирање, најави Димитриевски

Воведување граѓански концепт на буџетирање, вчеравечер на мини митингот во селото Тромеѓа, најави кандидатот за градоначалник на Општина Куманово од Коалицијата „За живот во Македонија“, предводена од СДСМ, Максим Димитриевски.

Според него, граѓанскиот концепт на буџетирање ќе овозможи граѓаните сами да одлучат во кои проекти ќе бидат вложени нивните пари.

Планирам да воведам граѓански концепт на буџетирање, тоа значи да ги соберам сите општински средства на располагање и да ги дисперзирам до вас до месните заедници, да дојдам заедно со вас и да се договорам вашите пари каде ќе ги вложам, во кој дел на инфраструктура и на тој начин да овозможам рамномерен развој на општина Куманово во сите нејзини делови, затоа што додека едни имаат се, други немаат ништо и тоа е неправедно и таа неправда ќе морам како иден татко на градот, како човек кој презема одговорност за сите вас, да ја исправам таа историска грешка, но притоа ќе побарам голема поддршка од вас – рече Димитриевски.

Пред жителите на Тромеѓа вети дека Куманово ќе работи домаќински по теркот на Струмица, која Зоран Заев успеа да од рурална општина да ја претвори во модерен град.

Дадов и преземав обврска дека нема да давам празни политички ветувања во оваа кампања и ќе си го држам зборот, сакам и ја барам поддршката од вас, да ми дадете мандат, заедно со вас, не да ветува, туку да реализирам проекти, да гледам канализација и инфраструктура таму, да решавам ваши реални граѓански проблеми со кои секојдневно сте засегнати, а планирам да го направам тоа чесно и достоинствено заедно со вас, по теркот на оној од Муртино, на кој што му се смееја, а ги дотера во мишја дупка и се кријат и ги нема, затоа што човекот знаеше и умееше, од една мала и урбана општина да изгради една современа и модерна развиена општина Струмица. Така ќе работиме, домаќински по негов терк – вели Димитриевски.

Со мојата совентичка листа ќе имам мнозинство по Бадентер и со моето знаење, енергија и умешност ќе ги задржам младите тука во Куманово, порача Димитриевски кој ја побара поддршката за бројот 19 и советничката листа предводена од Атина Мургашанска.

Коментари

коментар(и)