Дамјановски: Водостопанство се поигрува со животот на 120.000 жители

Жителите на одредени населби на Куманово и понатаму се соочуваат со проблеми при водоснабдувањето. За населението од повисоките зони во населбите Карпош, Перо чичо и Бабин дол, недостатокот на вода во домовите е агонија низ која секојдневно поминуваат.

-Остануваме до доцна во ноќта за да ги наполниме флашите со вода за да имаме што да пиеме. За капење ја загреваме водата и некако се снаоѓаме, вели жител на населбата Карпош.

-Се случува да нема вода по 12 часа, а некогаш дури и до три дена, тоа е навистина срамота да се каже во 21-ви век, додава друг жител.

Во меѓувреме, јавните претпријатија „Водовод“ и „Водостопанство кумановско-липковско поле“, вината за проблемите при водоснабдувањето ја префрлаат меѓу себе. Од „Водовод“ велат дека не го добиваат потребното количество на вода за снабдување на целиот град, а од „Водостопанство“ бараат оставка од директорот на „Водовод“, велејќи дека тој е некомпетентен да си ја заврши својата работа. За сметка на ова граѓаните имаат најголема штета, а поради тоа што редовно ги плаќаат давачките за вода, тие се огорчени од несериозноста на двете претпријатија и им порачаа да престанат да водат политика, туку да работат во полза на народот.

-И тие од „Водостопанство“ и тие од „Водовод“ треба да дадат оставка и да не се мешаат во државно земјиште. Политиката нека си ја тераат дома, а не да се играат со судбината на нас, кои редовно си ги плаќаме сметките, вели анкетиран граѓанин.

-Таа брана ја граделе нашите татковци и дедовци. Браната ни припаѓа нам. Треба ние да се дигнеме и да кажеме дека водата ни припаѓа нам, ама сите си молчиме, вели друг граѓанин.

Градоначалникот на Општина Куманово нагласи дека трпението на граѓаните е веќе при крај, а доколку тоа попушти, дури тогаш ќе настане проблем, поради тоа што недостатокот на вода во одредени населби е појава која се провлекува четири – пет години на назад, па токму од овие причини револтот кај граѓаните е оправдан, вели Зоран Дамјановски.

-Се врши страшна пресија на локалната самоуправа и јавното претпријатие, а штетата ја сносат 120.000 жители кои користат услуги од ЈП „Водовод“. Проблемот генерира и кулминира во последниов период. Некаде околу 30 отсто од корисниците имаат или слаб притисок или рестрикција поради слабиот дотур на вода по бај – пас, изјави Дамјановски.

Според Дамјановски, јавното претпријатие „Водостопанство кумановско – липковско поле“ го користи револтот на граѓаните за уценување на локалната самоуправа и „Водовод“ со цел да издејствува повисока цена на сирова вода. Освен тоа, од „Водостопанство“ постојано го прекинуваат дотурот на вода, па по некое време повторно го пуштаат, при што настануваат проблеми во водоводната мрежа и дефекти во понатамошната дистрибуција, додава Дамјановски.

-Не постои град во Македонија кој има повисока цена на сирова вода. Неосновано е да Куманово, единствен град плати четири до пет пати поскака сирова вода, со што „Водовод“ доаѓа до тешка финансиска состјба  со тенденција за  постојано тонење на финансиската состојба на ова претпријатие. Самите сте сведоци дека секој ден се раскопуваат асфалтирани улици проади тоа што имаме постојано стегање и пуштање на определени количини и стварање на тие дефекти, рече тој.

Пред извесно време, Емрла Укшини од „Водостопанство“ побара оставка од директорот на „Водовод“, Горан Стојковски, обвинувајќи го дека лошо менаџира со дотурот на вода. Од друга страна, пак,  Дамјановски строго го осуди ова барање, велејќи дека е подготвен на компромиси, но нема да дозволи некој да врши таков притисок врз локалната самоуправа и ЈП „Водовод“.

– Јас апелирам до совеста на луѓето во „Кумановско – липковско поле“. Не можете да се играте со судбидната на 120.000 луѓе.  И покрај тоа што ќе имаме неоправдано висока цена и непримената вода што ќе ја плаќаме, ние сме спремни на компромиси, само да дојде до адекватен дотур на вода кај сите граѓани, нагласи тој.

Во време кога водата е единствениот начин за разладување од високите температури, нема простор за водење политика. За граѓаните, чиешто трпение е при крај воопшто не е важно кој е виновен за проблемите со водоснабдување. Тие бараат вода во своите домови којашто е неопходна за задоволување на секојдневните потреби.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)