Две кумановки несебично им помагаат на бегалците

Голем број на кумановци, секојдневно им помагаат на бегалците од Сирија, кои пристигнуваат на железничката станица во Табановце. Меѓу најактивните се триесет и едногодишната Александра Давидовска и триесет и тригодишната Маре Бојковска, кои секодневно се сведоци на тажните животни приказни на бегалците кои поминуваат низ станицата. Активистките на  Табановце остануваат и по 18 часа дневно, а дома заминуваат само за да преспијат. Своите најблиски не ги виделе со денови, но сметаат дека сега приоритет е да им се помогне на  измачените бегалци.

-Ние сме тука за да им покажеме на нив дека има луѓе на светот коишто се грижат за нив. Мене ми е сатисфакција самиот момент кога знам дека на тие луѓе им олеснуваме на некој начин. Не размислувам дали вреди или не вреди. Тоа не може да се мери, тоа е нешто различно. Не постои никој друг, ние граѓаните, вели таа.

По измените на законот за барање на азил, освен храната, многу позначајни за бегалците се информациите кои ги добиваат од активистите за нивното понатамошно патување, вели Давидовска.

-Нашето присуство тука за нив значи дека се чувствуаат поопуштени кога ќе не видат затоа што им кажуваме каде да идат, каде се наоѓаат, колку е далеку српската граница, што ќе им се случува и кои им се наредните чекори, тоа ги прави да бидат поспокојни. Постојано се менува нешто и имаат информации од секаков вид, коишто во најголем дел се дезинформации, голем дел се паничарски стории, а кога ќе им кажеме што ќе се случува и дека за толку време ги чека такво нешто, порелаксирани се и мислам дека им го олеснуваме патот само со информацијата, на страна храната и водата што им ја нудиме тука, додава таа.

До сега активистите немале негостиг од храна, но со големата разлика во температурите помеѓу Гевгелија и Куманово, постојано им недостигаат вишок ќебиња, вели Бојковкса. Бегалците од долната граница пристигнуваат во лесна летна облека, а во Табановце студот им претставува голем проблем.

– Ги стоплуваме бидејќи мораат да продолжат пеш оттука имаат 500 метри до граница, 1 км до камп и патот пеш им доаѓа околу 10ина километри вкупно. Може да се случи возот да пристигне порано, а нашата храна да биде задржана долу, доколку има гужва во селото, бидејќи пристига со автобуси, а го знаете патот колку е тесен, така да може да се случи да задоцни храната, но успеваме поголемиот дел да го нахраниме, изјави Бојковска.

Поради тоа што подолг период  им помагаат на бегалците, активистите слушнале и виделе секакви приказни од макотрпниот пат кој тие го поминале. Големиот број на случаи на разделени семејства, изгубени деца, застрелани лица со отворени рани се причините поради кои триесет и двегодишниот Жамари Шлумер се решил да се приклучи на македонскиот тим за помагање на бегалците. Тој го откажал своето патување од балканските земји со цел да пружи помош на оние на кои најмногу им е потребна.

– Овдека сум околу две недели. Навистина е напорно, поминуваме по 14 или 16 часа овдека, но веднаш ја гледаме разликата која е постигната со нашата работа. Многу е поразлично од канцелариска работа. Навистина сум среќен што сум овдека. Бегалците и покрај тоа што толку време се на пат, сепак се учтиви и пријателски настроени. Исто како и активистите. И покрај тоа што луѓето велат дека Македонија е сиромашна земја, таа сепак несебично дава на сите кои имаат потреба, вели тој.

Несебичното помагање на волонтерите никогаш не запира. Тие се едногласни дека постоеле моменти кога посакале да се откажат, но насмевките на лицата на децата бегалци им послужиле како мотив за давање на поголем придонес и поактивно помагање на мигрантите.

Коментари

коментар(и)