Дебата за меѓуврсничко насилство во „Толи Зордумис“

Отворен ден за Граѓанско образование на темата Меѓуврсничко насилство или булинг денеска се организираше во основното училиште „Толи Зордумис“. Присутните имаа можност да ги слушнат податоците од анализата на прашалникот спроведен врз фокус група од 100 ученици на македонски и албански наставен јазик , вклучени во училишната заедница од петто до деветто одделение во однос на меѓуврсничкото насилство. Според надлежните, меѓу другото, анализата покажува дека 25 проценти од испитаниците сметаат дека во училиштето има меѓуврсничко насилство, 30 отсто од нив одговориле дека не се чувствуваат безбедно и се плашат на патот од дома до училиштето, а она што загрижува е податокот што 25 проценти од учениците кои што трпат некаков вид насилство никогаш не побарале помош од никого. Исто така, насилството во училиштето е најизразено на големите и малите одмори , според податоците од анализата, а дел од учениците се изјасниле дека насилството е присутно и во соблекувалните, на социјалните мрежи, но и за време на наставата.

– Некои од учениците не знаат всушност што се подразбира под насилство, бидејќи поголема група од учениците сметаат дека насилство е само тепањето, односно физичкото насилство, додека пак останатите форми не ги сметаат за насилство , обично тоа го викаат кај нас се шегував. Затоа нас не поттикна да размислиме дека треба со учениците да се разговара на оваа тема, а посебно да дадеме акцент на сајбер насилството коешто го има многу.  Друго што не поттикна е податокот дека учениците кои претрпеле насилство со никого не разговарале за тоа. Каде е довербата, зошто не веруваат ниту во членовите на училиштето, вработените и членовите на стручната служба,  ниту во родителите и не кажуваат дека трпат насилство во училиштето? И друго што нас најмногу не поттикна на размислување е дека забелажавме дека има многу работи на кои што учениците одговараат не реално, а исто една од работите за кои што треба да разговараме е дека се смета дека учениците на насилство секогаш треба да одговорат со насилство. Каде тоа сме го научиле и кој ги научил дека на таков начин на однесување треба да се врати со иста мерка или поголема од тоа, изјави Весна Димитриевска, психолог во ООУ „Толи Зордумис“ .

Наставниците по граѓанско образование кои што денеска беа дел од дебатата на тема: Поттикнување  на демократска клима  меѓу врсници сметаат дека треба почесто да се зборува за меѓуврсничкото насилство во сите училишта во градот преку организирање трибини, работилници и слични активности.

-Лично мислам дека многу од учениците ќе се охрабрат јавно да позборуваат за меѓуврсничко насилство што на некој начин многу ќе им помогне и на нив и на нас, изјави Марјан Сибиновски, професор по граѓанско образование

-За да се реши тој проблем односно булингот  треба голема соработка меѓу учениците, родителите  и наставниците, посебно психолошко- педагошката  служба и мислам дека во сите училишта треба да се организирааат семинари, трибини, работилници , дебати за справување со оваа негативна појава, булингот, изјави Идриз Адеми, наставник по граѓанско образование.

Во текот на отворениот ден, дел од учениците беа вклучени во ликовната работилница поврзана со меѓуврсничкото насилство, други ученици изготвуваа пораки  за не насилно однесување  кои што ќе ги красат ѕидовите на ходниците во училиштето, а деветоодделенците од мултимедијалната секција се претставија со перформанс, извадок од пишан текст, под менторство на своите наставници по македонски, албански и англиски јазик.

Она што го очекуваат надлежните од реализацијата на ваквите активности е создавање пријатна атмосфера за престој на учениците во училиштето, учениците да знаат дека се слушнати и нивните идеи, подобрени односи  помеѓу самите ученици и секој ученик да се чувствува пријатно и безбедно во своето училиште.

Коментари

коментар(и)