„Дедо мраз на мотор “ во Куманово

Хуманоста на моторџиите повторно се покажа на дело.  Стотина моторџии од Куманово, Скопје и Свети Николе денеска се собраа на градскиот плоштад  со цел да ја реализираат акцијата „Дедо Мраз на мотор“. Моторџиите беа вистинска атракција за минувачите, како за најмладите кои се радуваа на подароците, така и за повозрасните кои уживаа во глетката на Дедо Мразовците со своите мотори. Точно напладне организирано се упатија кон Дневниот центар за лицата  со посебни потреби да им подарат новогодишни пакетчиња на штитениците. Акцијата ја организира мото клубот „Мечки “ од Куманово.

-Се почна спонтано, видовме на интернет дека во западните земји веќе се случува тоа , поконкретно видовме во Хрватска и ние решивме да го спроведеме тука,  да покажеме во јавноста дека моторџиите не се како во филмовите односно дека моторџиите не се лоши луѓе, туку нормални луѓе како сите останати, изјави Јовица Гиновски, претседател на мото клубот „ Мечки “ – Куманово

 Родителите, како и стручниот тим кој работи со децата  сметаат дека  ваквите манифестации помагаат во социјализација и интерграција на децата во локалната заедница.

-За децата е  супер, се радуваат се качуваат на моторите, изјави Имер Демири, родител

-Децата сакаат вакви нешта, кога им се подава рака кога се соработува со нив, изјави Сузана Петковска, родител

Освен пакетчиња за корисниците, мото клубот „Мечки“  за потребите на  дневниот центар донираше и санитарна опрема. Во центарот кој е во надлежност на министерството за труд и социјална политика престојуваат 26 лица со интелектуална попреченост до 18 годишна возраст, а за нив се грижи стручен тим  составен од шест члена.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)