Делегации од пет држави гости во „Христијан Карпош“

Делегација од 40 члена, ученици и наставници од Турција, Италија, Португалија, Германија и Финска, пристигна во Куманово, во посета на училиштето Христијан Карпош кое се наоѓа во населбата Перо Чичо. Посетата на гостите која ќе трае до сабота, е во рамки на проектот Европска мрежа -Ефективно учење, активно подучување, дел од Еразмус плус програмата.

-Се работи за програмата мобилност од Еразмус +, тука се 21 наставник и 19 ученици. Присуствувавте на манифестација по повод приемот на овие гости. Кај нас остануваат до сабота, предвидени се многубројни заеднички работилници-истакна директорката на ОУ Христијан Карпош Лидија Костиќ.

Координаторот на проектот, Дејан Младеновски нагласи дека втора година активно соработуваат со овие пет држави. Тие во рамки на проектот беа во посета на Италија и Финска.

-Проектот трае три години, тука кај нас е главниот трет по ред митинг, се надеваме на успешна соработка имаме неколку работилници. Гостите ќе ги однесеме во Охрид, да ги прошетаме да видат дел од нашите убавини. Клучно за овој проект е дружењето меѓу учениците, проектот е предвиден за нив, потоа за наставниците, размена на добри пракси, размена на култура, традиција, зближување на повеќе држави-наведе тој.

Домаќините за своите гости приредија и богата културно уметничка програма.

-Јас сум прв пат во Македонија и премногу сум задоволна од ова што го видовме. Сметам дека македонскиот народ е доста гостопримлив и бидејќи ова е втора година гледам кон училиштето како на семејство, се чувствувам како да се наоѓам меѓу своите браќа и сестри-истакна Роса Мариа Фала, наставник од Италија.

Делегација од основното училиште Христијан Карпош, наредната година е планирано да замине во Турција, а подоцна и во Германија.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)