Дел од училишните спортски сали без затоплување

Дел од училишните спортски сали во Куманово во зимскиот период не се користат за реализација на наставата по физичко образование бидејќи немаат никакво греење.  Наместо во спортските сали, часот по физичко образование импровизирано се одржува во училниците во кои што  учениците следат настава.

Раководителот на Секторот за образование во Општина Куманово, Жика Крстевски смета дека е потребно затоплување на салите за да се реализира наставата, но додава дека и новоизградените спортски сали се уште не се затоплуваат.

-Сега новите што се направија се постави инсталација за парно греење, меѓутоа не се поврзани. Една година како е пуштена во употреба салата во економското училиште со настава на албански јазик во касарната, тие не се поврзани на системот, само еден котел недостига за да тие добијат, инсталацијата целосно е поставена меѓутоа приклучокот до таму не е направен, исто е сега и со салата што е пуштена во септември месец во „Јероним Де Рада“  во Черкезе. И таму таа не се затоплува, така што треба да се доврши. Инаку, овие постарите да кажеме економското училиште, тоа се загрева на гас, а салата бидејќи е доградувана подоцна, се затоплува со 8 тајфуни на струја кои на час трошат по 10 киловати, тоа е 80 киловати на час и никогаш не може да се затопли таа сала толку колку што е потребна оптималната температура од она кога постојано ќе се грее целиот комплекс, а да не зборуваме дека нема греење во спортската сала во „Магдалена Антова“, во земјоделското училиште „ Киро Бурназ“, изјави Жика Крстевски, раководител на Сектор за образование во Општина Куманово

Во врска со проблемот побаравме одговор и од градоначалникот Максим Димитриевски, кој потенцираше дека најголемиот дел од училишните спортски сали го немаат решено проблемот со загревањето, но тоа не е случај, според него, и со новоизградените.

– За среќа, новите училишни спортски сали кои што ги изградивме, а тоа се вкупно две во минатиот период го имаат решено греењето и третата што се гради во техничкото училиште исто така ќе го има решено загревањето. Жалам што состојбата е таква, ако се вратам на периодот кога и ние учевме и ние исто така спортските сали не беа затоплени и не држевме настава во најстудените денови, но како и да е општината работи на овој проблем, рече Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.

Раководителот Крстевски смета дека решавањето на проблемот со загревањето е мала инвестиција во однос на целокупната изградба на училишните спортски сали, но треба да обезбедат пари. Градоначалникот пак, вели дека се потребни сериозни финансиски средства, кои што општината можеби и би ги издвоила за решавање на проблемот доколку не била во финансиска блокада, но се залага да обезбеди средства на друг начин.

-Тоа е еден многу мал залог, што се вели, или мала инвестиција во однос на целокупната изградба, и сега кога треба да се стави во функција ќе се пазариме дали е во надлежност на општината, на министерството, едноставно тоа треба да биде составен дел на на што треба да значи ставање во функција на тие објекти кои се направени. Има тука место да се прават некои похрабри одлуки да се донесат, не е толку до храброст, треба да се најдат пари, меѓутоа не е ни толку голем износ на пари за да се создадат некои оптимални услови за настава по физичко образование. Сега гледаме дека и во прво одделение се воведе , така што и основните училишта ќе имаат обврски за сите па и за тие најмалите да обезбедат услови какви што се неопходни, изјави Жика Крстевски, раководител на Сектор за образование во Општина Куманово

-Аплициравме веќе со проект до министерството за животна средина за решавање на овој проблем во училишната спортска сала на основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“. Ќе го следиме тој позитивен пример, ќе ги користиме можностите да аплицираме на секој повик каде што можеме да обезбедиме средства за да трајно биде решен овој проблем.  Инаку, имаме неколку спортски објекти кои што се од понова градба, но, за жал начинот на загревањето на спортските сали или е решен на лош начин или пак воопшто не е решен и за тоа се потребни дополнителни инвестиции. Но, активно разговараме со една меѓународна институција за финансирање во која што имаме основ да земеме долгорочен кредит и да ги направиме училишните објекти енергетско ефикасни, а тоа ќе подразбира и комплетно загревање на гас, рече Димитриевски.

 Димитриевски посочува дека во моментов само разговараат и прават пресек на состојбите во основните и средните училишта во градот, но верува дека во иднина доколку го имплементираат, кој што би се реализирал во период од две до четири години, општината ќе успее трајно да го реши овој проблем, прво во централните градски училишта, а потоа и во останатите училишта на територијата на Куманово.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)