Денеска се празнуваат три празника

Православните верници денеска го слават споменот на Свети Василиј Велики, а воедно го празнуваат  и почетокот на новата година по Јулијанскиот календар, но  и празникот Обрезание Господово. Осмиот ден после раѓањето, Христос бил однесен во храмот и обрезан. Овој празник се празнувал уште во првите векови на христијанството.

-Сите деца до осум дена биле носени во храм да бидат обрезани. Од таму останало кај Евреите по тоа да се препознаат дека се Господови, дека се обележани, така и Христос во тој ден добива име Исус. Го прима тогашниот свештеник и уште тогаш знаат дека тој ќе биде спасител на светот, изјави Отец Игор Здравковски, портпарол на Кумановско -осоговска епархија. 

Свети Василиј Велики, кој починал на овој ден,  е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Роден бил во Кападокија, а училиште завршил во Атина. Бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење.

Василица е голем и тежок празник, именден и домашна  слава на многу македонски семејства.

Во кумановскиот регион повеќе обичаи се поврзани со празнувањето на Свети Василиј.

-Се прави бареница или качамак, се вари вариво, се оди во црква. Вечерта пред празникот одат џамалари, сировари, изјави анкетирана кумановка

На Василица, според црквата, се крши и лепче со паричка, за која се верува дека носи среќа и бериќет.

-Свети Василиј Велики е интересен за нас да знаеме за лепчето и паричката, во негово време се случува тоа. Имало некој пар кој бил глава на таа област и секогаш кога доаѓал земал и повеќе отколку што му било дозволено од луѓето и од црквата. Свети Василиј Велики,  за да не страдаат сиромашните ги замолил сите поимотни луѓе да донесат кој што има да му дадеме па да си оди тој пар задоволен. Тие собираат меѓутоа кога му го понудил богатството Свети Василиј овој се засрамил  и никогаш веќе не земал таков неправеден данок од населението. Меѓутоа, Свети Василиј останал со една дилема што да прави сега, не знае на кого што треба да врати и тогаш наредил да се замесат лепчињата и да се стави златникот или накит било што да е и да се подели по луѓето.  Од таму како благослов за дома ние ставаме паричка во лепчињата, изјави Здравковски. 

Во кумановско , паричка во лепче наместо на Василица, се става на Бадник. Но, во многу градови во нашата држава , лепчето со паричка се дели токму на денешниот празник Свети Василиј Велики.

За паричката е битно дека не треба да се фрли или заборави, туку да се стави до икона и да се чува до наредната година.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)