Денот на ЗОК одбележан во касарната „Боро Менков“

Во касарната „Боро Менков” во Куманово, Здружената Оперативна Команда (ЗОК), со воена свеченост денеска го прослави денот на единицата 17-ти октомври.

На свеченоста присуствуваа претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, генералите во Армијата, поранешни команданти на оваа команда, претставници од министерството за одбрана и Генералштабот, поранешни команданти на ЗОК, претставници од локалната самоуправа, воени аташеа акредитирани во државата.

Командантот на ЗОК, Павле Арсоски  во говорот пред присутните истакна дека годината меѓу двата празници на ЗОК била исполнета со многу посветена и пожртвувана работа, успешно завршени проекти и правилно започнати процеси.

„Нашата татковина ја доби долгоочекуваната и одамна заслужена покана за прием во НАТО“,  рече Арсоски.

Командантот Арсоски потенцираше дека годинава планираат, исто како и претходната да реализираат над 95 проценти од активностите и финансиските средства за обука и вежби. Над 4000 припадници на ЗОК оваа година учествувале  во национални и меѓународни вежбовни активности.

Арсоски информираше дека дел од нивните предлози и решенија се интегрирани во актуелниот предлог на измени на Законот за служба во Армијата, кој наскоро треба да ја помине собраниската процедура.

„Со овие решенија ќе се подобри статусот на припадниците на Армијата и нивниот стандард, но и ќе се редефинираат персоналниот менаџмент и водењето во кариера“ посочи командантот на ЗОК.

На свеченоста  беа доделени стимулативни мерки на припадниците на ЗОК, а  на градоначалникот на Куманово му беше доделена плакета за соработка. Денот на ЗОК се прославува во чест на 17-ти октомври кога во 1878 година бил формиран штабот на македонско-кресненско востание. Денешната свеченост беше можност присутните да се потсетат за значењето на востанието и на идејата и целите на ослободителната борба на ова востание, чија што крајна цел било создавање на независна и самостојна македонска држава.

За ден на ЗОК е определен 17 октомври, како спомен на одбележување на значајните историски настани врз кои се темелат традициите во Армијата, кога во селото Кресна е формиран штабот на македонското-кресненско востание кој е воедно и ден кога е кренато востанието.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)