Со успешни резултати и повеќе награди освоени на меѓународниот натпревар „Денс фест Нови Сад“ одржан изминатиот викенд, се вратија членовите на Денс студио „МАК“ и на Денс тим „ФЈУЖН“.
Студиото „МАК “ се претстави со седум кореграфии, од кои што шест се пласираа на првото место, а една кореографија на второто, информира кореографот Мерлин Стојановска, посочувајќи дека ова е најуспешното учество за нив на фестивалот во Србија.
-Се претставивме во категоријата деца, мини, кидс и јуниори. Ние сме генерално задоволни од пласманот, бидејќи оваа сезона ни започна навистина успешно, работевме многу. Преку летото работеа со нив кореографи од од Хрватска, Словенија и од Србија, а сега се гледаат и резултатите по пласманот на нашето студио. Конкуренцијата секако дека беше голема, сите групи се подготвуваат бидејќи ова е еден престижен натпревар кој што оваа година се одржува по 11-ти пат и вреди за еден од најдобрите натпревари на Балканот, така што можам да кажам дека е чест и задоволство да се учествува на ваков натпревар и да се добие ваков пласман како ние оваа година, изјави Мерлин Стојановска, кореограф Денс студио „Мак “
Награди на фестивалот во Нови Сад освоија и двете кореографии со кои што настапи Денс тим „ФЈУЖН“. Кореографот Бојана Додевска вели дека на овој фестивал учествува од самиот почеток, односно веќе 11 години, претходно како танчер, а последниве седум години како кореограф во ФЈУЖН.
-Оваа година бевме со две кореографии, толку бевме во можност реално бидејќи имавме многу подготовки околу новиов простор, имавме многу ангажмани, ТВ спотови и други работи што ги правевме пропратно, така што во Нови Сад се пласиравме на второ и на трето место. Групата кидс а се пласираше на второто место, а групата јуниори се пласираше на трето место во конкуренција со групи од Хрватска и Словенија. Силна конкуренција беше, едноставно се зависи од тоа кој е во жири, каков вкус и какво предзнаење има од претходно и што преферира во овој момент, барем јас така гледам од своја гледна точка, изјави Бојана Додевска, Денс тим „ФЈУЖН“.
Денс фест Нови Сад е меѓународен фестивал на кој што оваа година учествуваа повеќе групи од 12 држави со околу 500 кореографии.