Десетти Фото Салон на Фото клуб Козјак

Во уметничката галерија утре со почеток од 19 часот и 30 минути ќе се одржи традиционалната меѓународна изложба на Фото клубот Козјак на која што ќе бидат поставени 120 фотографии. Изложбата ќе биде со посебен карактер затоа што ќе се одржи десетиот јубилеен „Фото – Салон Куманово 2015“. Изложбата потекнува уште од 1974, но од 2003та до денеска се одржува секоја година. Десетиот Фото-Салон е под патронат на повеќе светски организации и домашниот Фото Сојуз на Македонија и Народна техника.

Оваа изложба е од меѓународен карактер и земаа учество 325 автори од 56 различни земји. Доделивме 120 награди. Стручното и еминентно жири Раша Милојевиќ, мајстор на фотографија од Србија, Раша Рудиќ, мајстор на фотографија од Македонија и Борислав Миловановиќ, мајстор на готографија од Србија кои имаа тешка задача да бираат помеѓу 7 000 фотографии во четири категории, слободна (црно – бела), слободна колор, натура и живот, вели Дејан Ангеловски, претседател на Фото- кино клуб Козјак, Куманово.

Ангеловски, посочи дека трендовите како и пристапот кон фотографијата од година во година се менуваат. Според него жирито на конкурсот со изборот на наградените фотографии покажува дека посебните пристапи кон фотографијата кои заземаат светски рамки веќе стануваат високо вреднувани и на нашите простори. 

Имаме секаков тип на фотографија, но најзастапени се портретите и лајф фотографијата, но и улична фотографија. Овој пат можам да кажам дека жирито се одлучи и за еден малку поспецифичен пристап, студиската арт фотографија со боди пеинтинг кои можат да се видат на нашиот плакат и на нашата покана кои зедоа високи награди. Навлегува полека и таков тип на фотографија на ваков тип на изложби, вели Дејан Ангеловски, претседател на Фото-кино клуб Козјак, Куманово.

Долгогодишното постоење  како и големиот број на меѓународни изложби и конкурси кои што ги има организирано Фото- кино клубот Козјак овозможуваат клубот да има учесници со свои фотографии од најдалечните земји. Од клубот велат дека фотографиите кои што ќе бидат претставени утре покрај предиспозициите, талентот и образованието на авторите можат да се разликуваат и според земјите од кои што потекнуваат. 

Имаме учесници од различни земји веќе десет години по ред, тоа се многу земји од секој континент, од многу држави така што имаме од Германи, Белгија, Норвешка, Швајцарија, Австрија, од соседството, Бугарија, Грција, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија. Тоа се автори кои секоја година не пратат, како и Далечниот Исток како што се специфични земји: Иран, Авганистан итн. Имаме автори и од Јужна Африка.Нивните фотографии, како и оние од Виетнам, Индија се разликуваат и имаат специфични мотиви, тоа се претежно отсликување на животот во нивните села, вели Дејан Ангеловски, претседател на Фото-кино клуб Козјак, Куманово

На утрешното доделување на наградите со медал и диплома ќе се закитат и неколку фотографи од другите фото клубови во државата.Исто така и Глигор Максимовски и Милош Нешковски кои што се повеќегодишни членови на Фото клубот Козјак ќе бидат меѓу наградените. Од клубот очекуваат учесниците од соседните земји да дојдат лично да си ги подигнат наградите.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)