Димитриевски: Општина Куманово ја раздолживме и нема долгови, реализиравме голем број на инфраструктурни проекти

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски во гостувањето во емисијата „Ја сакам Македонија“ на телевизија Сител информираше дека се реализирани голем број на инфраструктурни проекти и комунални проблеми со цел подобрување на животните услови на кумановчани.

„Се обидувам да го дадам својот максимум и заедно со мојот тим да ги подобрам животните услови на мои кумановчани, бидејќи пред сè комуналните проблеми генерално во општините се огромни, а локалната самоуправа е во сериозен застој, не од вчера туку децении наназад во државата и мораме да го дадеме максимумот да ги поправиме работите. Стагнацијата на развојот во Куманово во последните 30 години, па и на останатите локални самоуправи се должи на близината на Скопје, бидејќи целиот финансиски инпут доаѓа во Скопје, а особено во оној период кога се градеше Скопје, односно Скопје 2014. Имаме реализирано голем број на инфраструктурни проекти, но и сè уште имаме, особено во делот на сообраќајот, хигиената, на едукација на луѓето, изградба на речните корита и слично. Еден град којшто постои 5 века и одбележавме постоење во 2019 година има три речни корита од коишто само една третина од едното речно корито е регулирано и изградено, тоа е сериозен проблем. Но, ако ме прашате на што сум најсреќен, тоа е соживотот во Куманово и можеби настаните коишто ги организиравме при одбележувањето на 5 века Куманово. На истиот тој настан на плоштадот во Куманово се собраа околу 20.000 млади луѓе, Македонци, Албанци, Срби, Роми. Единствено преку работа и домаќинско работење може да се одржи соживотот“, потенцираше Димитриевски.

Димитриевски изјави дека се кратат непродуктивните трошоци, а се зголемуваат приходите. Важно е сопствените приходи да се наплатат, бидејќи доколку не се платат нашите давачки кон општината и државата, а тоа им го објаснувам на граѓаните, таа не може да функционира во полн капацитет.

„Имавме помош од државата за реализирање на многу проекти во општината, а ни помогна и да се раздолжиме секако, околу 100 милиони денари средства коишто ни беа дадени како грант. Но, од друга страна кога ги плаќаме каматите на кредитите, ние плативме околу 170 милиони денари камати кон нашата држава за доспеаните кредити. Дополнително, имавме помош при реализација на проектот за развој на индустриската зона и добивме наменски средства за зоната од 20 милиони денари, иако за зоната треба некаде околу 300 милиони денари, но сепак помош е помош. Дали е направено доволно? Не. Сметам дека државата има капацитет и треба на општините што се во регионите кои се помалку развиени, а североисточниот плански регион кадешто спаѓа Куманово, Кратово, Крива Паланка, Ранковце и Липковскиот регион е најслабо развиениот регион во државата, треба да се импутираат поголеми средства за да се постигне одредена еднаквост. Не може се да биде во Скопје“, рече Димитриевски.

Во емисијата, градоначалникот Димитриевски посочи дека треба многу да се работи на планот за децентрализација на власта.

„Неколку пати се менуваше законот за финансирање на единиците на локалните самоуправи каде бевме лимитирани во делот на планирање на буџетот на приходната страна и се со цел да општините не можат повеќе да се задолжуваат. Јас наследив такви обврски бидејќи претходно се создавале нереални буџети“, додаде Димитриевски.

 

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)