Димитриевски: Царовска да го укине решението!

„Како градоначалник на Општина Куманово сметам дека ова решение е неиздржано, селективно, пристрасно, тенденциозно и истото има за цел директно да го инволвира министерството како ресорно министерство во кадровскиот избор на директорот во оваа јавна општинска установа“, рече на денешната прес-конференција градоначалникот Максим Димитриевски, во врска со решението на министерството за труд и социјална политика да се одземат ингеренциите на Општина Куманово во делот на избор на директор во ЈОУ детска градинка „Ангел Шајче“  Куманово. Димитриевски денеска јавно ја повика министерката Мила Царовска да го преиспита решението и да го повлече бидејќи, како што вели градоначалникот има направено голем пропуст, а Општина Куманово не заслужувала ваков третман.

-Кога велам тенденциозно и пристрасно, селективно решение го поткрепувам со фактот, бидејќи на први јануари ненајавено од страна на надлежен инспектор  од ресорното министерство беше направена посета во општина Куманово, кој што немаше налог за вршење на било какви контроли и каде што јасно и гласно ми беше ставено на знаење како на градоначалник доколку не отпочнам постапка при тоа преудицирајќи се на избор на директор ова ќе се случи. Жалам што една ваква работа се случува во една демократска општина како што е Куманово. Куманово тоа не го заслужува и јас како градоначалник на нашата општина ќе се погрижам на целава оваа работа да и биде ставено крај и сите аргументи и факти ќе ги изнесам пред лицето на јавноста, изјави Максим Димитревски, градоначалник на Куманово

Димитриевски потенцира дека праксата во одредени општини во РМ покажува дека има исти случаи  каде што не е навремено отпочната постапката за избор на директор, но во тие општини не се преземени никакви активности.

-Главниот проблем овде е министерката Царовска. Го повикувам главниот проблем уште еднаш да ги преиспита сите свои одлуки поврзани со оваа активност и да го укине решението, а надлежноста да ја врати на Општина Куманово бидејќи пракстата покажува дека избор на директор може да се врши непречено без разлика дали овој член на законот ќе се почитува или нема да се почитува.  Ова решение е тенденциозно, јас согласно законот морам да го почитувам, но повторно апелирам до министерката Царовска, да истото го преиспита, укине и јавно да се извини на Општина Куманово и на граѓаните бидејќи ова е се, само не децентрализација. Наместо да се дрзнува да одзема ингеренции и надлежности на институција да се позанимава со нејзината примарна задача, социјалното згрижување и трудот , правата на работниците, социјалната помош, изјави Димитриевски.

Градоначалникот Димитриевски најави дека ќе ги искористи сите законски средства и ќе делува институционално во врска со настанатиот проблем.

-Како градоначалник граѓаните не ги делам ниту на верска, ниту на партиска ниту на било која друга припадност и нема да дозволам никаков притисок без разлика од која страна да доаѓа врз мене и моите први соработници, а верувајте ми дека деновиве многу ги има. Јас водејќи се од моите начела сметам дека секој треба да има отчет за својата работа во делот на неговото работење и доколку барате нов мандат првенствено треба да дадете отчет за сето она што претходно го имате сработено. Во овој случај, во оваа институција ние имаме еден менаџер кој што менаџира со детската градинка веќе три мандати за кои што има голем број укажувања од страна на вработените, граѓаните, општи незадоволства кои што имам намера да ги проверам, а за жал во оваа јавна установа никогаш општината не направила ревизија за финансиско и материјално работење на оваа институција во која што верувајте ми се трошат сериозни граѓански пари, изјави Димитриевски.

Инаку, во врска со решението, минатата недела од министерството за труд и социјална политика соопштија дека одлуката за одземање на надлежностите е донесена откако при вршење на надзор на работата и кај општините Струга и Куманово беа утврдени недостатоци во именувањето, односно спроведувањето на постапката за распишување на оглас за директор на детски градинки. И покрај даденото укажување со утврден рок за отстранување на неправилностите градоначалниците  не постапија според нивните овластувaња, по што министерството постапи по членот 201 од Законот за заштита на децата и им ја одзеде надлежноста на период од 1 година, соопштија од ресорното министерство.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)