Доделени дипломи за ученици на генерација

Ученици на генерација од дваесет и едно основно и шест средни училишта од Куманово и Старо Нагоричане добија дипломи и се прогласени за првенци во своите училишта. На свечениот настан присуствуваа менторите и директорите на училиштата, а дипломите и книгите ги додели Здружението на просветните работници и Општина Куманово.

– Минатите четири години беа вистински предизвик за мене и не беше лесно да се постигне овој просек од 5.00. Задоволен сум од себе и се надевам на поголеми успеси во иднина. Првиот фактор е волјта но клучниот е упорноста бидејќи мора да сте упорен колку и да имате талент, вели Александар Стојановиќ, матурант во Гимназијата „Гоце Делчев“.

– Овие девет години поминаа лесно за мене сепак вложениот труд се исплатеше. Им препорачувам да учат бидејќи знаењето ќе се искористи, вели Ана Крстевска, ученик во  ОУ„ Браќа Миладиновци“.

Градоначалникот Зоран Дамјановски им честита на учениците и посочи дека иднината на младите е во знаењето и науката. Тој додаде дека упорноста на учениците, нивните семејства и наставниот кадар се клучни за успешен образовниот процес.

 – Над 20 илјади ученици партиципираат во образовниот процес и искажувам голема благодарност до директорите и наставниот кадар кои овозможија регуларен едукативен процес за да овие млади луѓе станат тоа што се. До нивните семејства кои воспитале вакви деца и пред се за самите ученици кои со својата упорност успеале да бидат првенци во својата генерација, вели градоначалникот.

Присутните на манифестацијата на учениците им порачаа да бидат ентузијасти во својот живот и да чекорат по патот на знаењето. Да се залагаат за соживот и меѓусебна толеранција градејќи мостови на доверба.

-Се фокусираме на средба која има повеќекратно значење и соберени се менторите, директорите и учениците на генерации. Општината на учениците ќе им додели книги, а Здружението на просветни работници ќе додели дипломи, вели Лидија Николовска Георгиевска, претседател на Здружението на просветните работници.

Традиционално секоја година Денот на сесловенските просветители се одбележуваше со низа манифестаци и  се доделуваа дипломи за ученици на генерацијата. Годинава настанот наместо на 24 мај се одржа денес поради неодамнешната нарушена безбедносна состојба во градот.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)