Доделени награди за најдобар спортист

Најдобрите кумановски спортисти, од Сојузот на спортови на Куманово добија признанија за своите достигнувања. На свеченото доделување на награди беа присутни врвни спортисти од општината. Претседателот на општинскиот сојуз на спортови, Сашо Петрушевски истакна дека спортската култура во Куманово полека се развива и дека со ваквата манифестација ќе се поттикнат младите луѓе да се занимаваат со спортски активности.

-Спортот во Куманово е во подем, меѓутоа, јас би ги потенцирал и сите други спортови кои во минатите години имаа свои успеси, како пинг-понгот, велосипедизмот. Ова ќе биде поттик за сите млади да започнат да се занимаваат со спорт, за да спортот во нашиот град го достигне нивото кое го заслужува- изјави тој.

Ракометарката, Наташа Младеновска  која ја доби наградата за најдобар ракометар наведе дека оваа награда е од големо значење за неа, бидејќи и ја доделува нејзината општина.

-Секое признание коешто ми е доделено од градот од кајшто потекнувам, навистина претставува голема сатисфакција, затоа што граѓаните и Општина Куманово не заборавиле дека, толку години, имаат репрезентативка која го претставува градот во државата, но и  надвор од границите- истакна таа.

Наградата за најдобар спортист на општина Куманово и припадна на атлетичарката Дрита Ислами која зад себе има бројни признанија за своите достигнувања во полето на атлетиката.

-Ова е првпат што се натпреварувам на ваква манифестација и прв пат добивам ваква награда. Не очекував да добијам награда за најдобар од најдобрите и чувството е навистина убаво- наведе таа.

Доделувањето на наградите за најдобри спортисти на општина Куманово се организира секоја година, а од Сојузот на спортови на градот велат дека бројот на наградени постојано се зголемува.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)