Борис Секирарски, Марјан Стошевски, Страхил Петровски, Горан Илиќ, Реџеп Реџеповски, Фадиљ Маличи и компанијата БДА на вчерашната свечена седница го добија највисокото признание кое што општината го доделува во чест на празникот на градот – Ноемвриска награда. Ж
За постигнати успеси во областа на метеорологијата кои се верифицирани од стручни лица од светски ранг за што има добиено многубројни награди и признанија во државава и во странство, а особено за неговите иновациски откритија во оваа област, наградата му беше врачена на Борис Секирарски.
За придонесот за афирмацијата на спортот во нашиот град, а особено неговиот историски документарен филм за спортската сала Соколана, е награден долгодишниот спортски новинар и директор на регионалната К3 телевизија, Марјан Стошевски.
Ноемвриска награда заврши и во рацете на Страхил Петровски, академски сликар, вработен во Националниот конзерваторски центар Скопје, за неговите постигнувања во областа на современата ликовна уметност, за што сведочат и добиените награди и признанија на многубројните изложби во државата и во странство.
Горан Илиќ, актер вработен во Театар Куманово за неговото долгогодишно работење, преку бројни актерски улоги на матичната сцена и на сцените низ државата и во странство при што има добиени и многубројни награди на некои од најпрестижните фестивали, а кој воедно е и еден од основоположниците на фестивалот „Денови на комедија“.
Реџеп Реџеповски, професионален боксер и тренер за постигнатите резултати во боксот и претставување и афирмација на градот и државата на многубројните спортски натпревари на кои што тој и боксерите чијшто е тренер имаат освоено највисоки медали.
Фадиљ Маличи, лекар специјалист, началник на работната единица за уво, нос и грло при Општа болница Куманово, за неговиот придонес и особен ангажман во здравствената дејност, за што сведочат и добиените пофалници и благодарници.
Ноемвриската награда на Општина Куманово за 2018 –та во вид на диплома беше доделена и на правното лице „Кланица БДА компани“, еден од најреномираните стопански субјекти во градот и државата за долгогодишно успешно работење во областа на месната индустрија, преку производството и пласирање на свежо месо и преработки на месо и месни производи. Во име на добитниците на Ноемвриска награда се обрати сопственикот на БДА компани, Најден Бајдевски.
На седницата градоначалникот Максим Димитриевски врачи и шест благодарници.
За особен придонес во давањето квалитетни здравствени услуги на децата во Куманово, благодарница доби доктор Аднан Сулејмани, специјалист педијатар. Благодарници без врачени и на Сузана Величковска за индивидуален придонес и квалитетна грижа за деца без родители и родителска грижа, Душка Гиевска за особен придонес во литературното творештво во Општина Куманово, Добривоје Стошиќ за особен придонес во областа на образованието и култура, Јашко Станојковски за донација во областа на инфраструктурата и благодарница на Драгољуб Стефановски за особен придонес во развојот на спортот и спортските активности.