Дождот не го спречи Тамбурашкиот фестивал

Временските неприлики беа причината поради која единаесеттиот меѓународен Тамбурашки фестивал во Куманово започна еден час подоцна. Дождот се појави околу 8 часот и 30 минути, токму кога беше предвидено свеченото отворање на фестивалот, но тоа не беше доволно голема причина за кумановци да си заминат дома. Тие со чадори в рака, скриени под стреи, со нетрпение чекаа дождот да престане за да можат да уживаат во звукот на тамбурите. Градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски, вели дека ваквите појави не можат однапред да се предвидат за да можат да се спречат, но сигурен е дека фестивалот ќе продолжи да се одвива како што е предвидено, без одложувања.

-Предвидувањата на временските услови не беа така драстични како што е сега, се надевам дека за пола час ќе имаме подобри услови, и ќе започне со програмата, со каснење од пола час. Местото не може да се покрие бидејќи тоа е плоштад, на отворено фестивалот е ризик. Секогаш го правиме во оваа последна недела на август, очекуваме добри временски услови, како што беше цело лето, но ова што ни се случи, денеска оваа ноќ мислам дека е нешто што не можеме да го предивидме, покрај сите прогнози, дека нема да има дожд, индикациите беа дека помалку од 40 проценти ќе има врнежи, изјави Дамјановски.

Нино Величковски, директорот на Фондацијата за култура и спорт на Куманово, којашто е еден од покровителите на фестивалот, се надева дека за вечерва временските прилики ќе бидат на нивна страна за да можат граѓаните на Куманово да ја добијат ветуваната програма.

– Овој дожд малку го поремети ова што го подготивме како една атракција. Ќе се обидеме нешто да спасиме, да може барем Мирослав Шкоро да настапи вечерва и да го видат она што е навистина планирано за оваа прва фестивалска вечер. Значи ве канам утре да дојдете да го проследиме, а сега еве кумановски тамбураши со две песни ќе ја поздрават публиката и ќе го најават Мирослав Шкоро, изјави Нино Величковски.

Ѕвезда на вечерта беше хрватскиот музичар, Мирослав Шкоро, којшто кумановци со голема возбуда го дочекаа на сцената. Неговите песни зборуваат за љубовта, а тоа, како што вели, е тема со која секој човек може да се поистовети. Тој истакна дека во Македонија се чувствува како дома бидејќи културата и народот се слични како во неговата родна Хрватска, а освен тоа, особено ја сака македонската традиционална кујна.

-Јас не сум ѕвезда од пред 150 години, туку ја градам оваа своја кариера последните 20-30 години и песните полека пристигнуваат и овде во Македонија така што луѓето добро ги прифатија. Малку имаше дожд па не знаев дали ќе го одржиме концертот до крај или не но, фала на Господ, се искочи добро. Во принцип јас и не сум некој голем пејач, јас сум повеќе како рецитатор, па имам свои песни кои ги пишувам и ги дополувам со некои приказсни од животот и на моите родители, има малку шега, солзи, веселба, но на крај тие два часа поминат, изјави Мирослав Шкоро.

На фестивалот настапија и двајца кумановски пејачи Мартинијан Кириловски и Игор Васиљков, учесници на шоуто „Ѕвезде Гранда“, коишто се добро познати имиња кај кумановската публика. Иако нивниот личен стил на музика нема сличности со тамбурата, тие на фестивалот им приредија вистинско изненадување на кумановци со тоа што отпејаа изворни македонски песни. И двајцата велат дека овој вид на музика сакаат да го слушаат, но претставува вистиснки предизвик кога станува збор за негова изведба. Токму поради тоа решиле да се соочат со предизвикот и пред граѓаните на Куманово да се покажат во најдобро светло.

– Овој пат нема да пеам поп музика ќе испеам нешто фолклорно, македонско, тоа ќе биде „Елено ќерко Елено“ и „Јовано Јованке“. Тоа ми е нешто омилено да пеам македонски изворни и фолклорни песни, бидејќи се полни со емоција и сакам да ги пеам кога се најемотивни, изјави Мартинијан Кириловски.

-Оваа музика јас ја слушам и ја презентирам од време во последно време почнав поинтензивно овој стил на музика, тамбурашки, инаку претходно работев со различни стилови, има доста публика претежно оваа музика се бара во Куманово и дел од Скопје. Тука сме ревијално, награди нема, јас ќе настапам со две песни, Жал за Деспина и Една песна јас да запеам, се надевам дека ќе звучи моја интерпретација ќе им се допадне на сите гости и наши сограѓани, изјави Игор Васиљков.

Освен посетители од Куманово, имаше гости и другите градови на државата кои редовно го следат фестивалот. Тие сметаат дека од година во година се подобрува и станува традиција која треба да продолжи да се негува, бидејќи ваквата музика е својствена за нашето поднебје. Инаку додаваат дека дождот на почетокот ги разочарал, но сепак останале до крај да го проследат фестивалот.

Втората фестивалска вечер ќе започне вечерва во 20 часот и 30 минути, а ќе настапат тамбурашки состави од Србија, Унгарија и Словенија.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)