До 30 –ти септември аплицирање за условен паричен надоместок

360 корисници на социјална парична помош поднеле барање во центарот за социјална работа во Куманово за остварување право на условен паричен надоместок  за средно образование. Рокот за аплицирање за оваа мерка трае до 30-ти септември, информираат надлежните.

-Оваа мерка е мерка за помош на семејствата кои што се наоѓаат во социјален ризик односно материјален надомест за семејства кои што имаат ученици кои што се во редовно школување во средно образование. Минатата година имало околу 900 корисници на ова право , меѓутоа,  досега имаме релативно мал број на поднесени барања,  во Липково 221 , во Куманово 139 , а се уште голем дел од корисниците не поднеле барање за остварување на оваа мерка, изјави Александра Арсовска, директор на Меѓуопштински центар за социјална работа Куманово

Паричниот надоместок за учениците во средно образование, корисници на мерката,  се исплаќа четири пати годишно.

– Станува збор за надоместок од 1.000 денари на месечно ниво кој што се исплаќа квартално, во секој квартал по 3.000 денари или вкупно 12.000 денари на годишно ниво. Основниот услов е да се редовно корисници и за првпат да се запишани во годината во која што се школуваат, изјави Арсовска.

Програмата “Условен паричен надоместок за средно образование” има за цел да го подобри пристапот и квалитетот на образованието, да го зголеми бројот на ученици запишани во средното образование од домаќинства корисници на социјална парична помош, како и да го поттикне реализирањето на задолжителното средно образование во Република Македонија. На долгорочно ниво, програмата има за цел да ја зголеми вработеноста и да ја намaли сиромаштијата, како и да создаде поквалитетна работна сила.

Оваа програма ја спроведуваат Министерството за труд и социјална политика, Центрите за социјална работа, Министерството за образование и наука, средните училишта и Министерството за финансии, согласно со Прирачникот за администрирање на Програмата за условен паричен надоместок за средно образование.

Инаку, апликантот треба да обезбеди потврда дека ученикот е запишан во средно училиште  и копија од трансакциона сметка од банка издадена на име на примателот на условениот паричен надоместок.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)