Европската перспектива на Македонија е реална

Европската перспектива на Македонија е реална и државата треба да продолжи кон тој пат, е заклучокот на денешната трибина која што се одржа по повод 9-ти мај, Денот на Европа и победа над фашизмот. На трибината учествуваа професори, претставници на политички партии, невладини организации и други граѓани. Градоначалникот, Зоран Дамјановски истакна дека Куманово е град кој што е насочен кон Европа и постојано работи на негово приближување.

-Куманово е многу значајно место каде што треба да се мониторира граѓанскиот концепт на живеење, односно услов за едно демократско слободно општество она што значи како предуслов за интегративните процеси во Европа-изјави тој.

За значањето на унијата која што е основана како заедница чија цел е обезбедување мир, интеграција, стабилност и економски развој, зборуваше професорот Димитар Мирчев. Според него внатрешните реформи во државата не се пречка за влез на Македонија во ЕУ,  туку само спорот со Грција.

-Ние имаме црвена линија како и Грците и се надевам дека ќе има некој притисок за да тие црвени линии малку се доближат. Мислам дека после тоа патот кон ЕУ ни е отворен, имаше оценки дека заостануваме во развојот излезе дека тоа апсолутно не е точно-наведе тој.

Професорот, Стево Пендаровси, смета дека Македонија треба што поскоро да влезе во Унијата, поради вредностите кои што ги поседува, како што се независно судство и медиуми, како и професионална администрација.

-Голема грешка е кога не објаснуваат дека ние во ЕУ не одиме за да земеме пари, да не работиме а да ни даваат по 3.000 плата. Ние одиме и мора да одиме заради вредности на таа организација, заради моделот на организација на тие држави и општества бидејќи досега во политичката историја на светот не е забележана поуспешна организација во делот на политичките и економските интеграции. Таму се лоцирани најбогатите и најдемократиските земји во светот-наведе тој.

Присутните истакнаа дека Македонија треба да воспостави и тесна соработка со државите од Балканот, во сите домени, вклучувајќи ја и трговијата. Инаку трбината ја организираше Европското движење на Македонија и Општина Куманово.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)