Едно новозаболено лице од ХИВ/СИДА

15 луѓе инфицирани со ХИВ/СИДА  се евидентирани на подрачјето на Куманово, од кои едно е новорегистрирано годинава.  Во Македонија вкупно 258 лица живеат со ХИВ /СИДА , од нив 179 се болни од СИДА,  а останатите се ХИВ позитивни. Институтот за јавно здравје на РМ денеска на Светскиот ден за борба против оваа болест, соопшти дека годинава се регистрирани 19 нови случаи на ХИВ /СИДА. Според надлежните,  скриената бројка насекаде низ Македонија е далеку поголема и апелираат населението да го отфрли срамот и стравот и да го провери својот ХИВ статус. Во советувалиштето во Куманово кое работи во рамките на Центарот за јавно здравје  од ден на ден се зголемува интересот за бесплатното тестирање. Тестирањето е анонимно , а резултатите се добиваат за петнаесетина минути. Но сепак , најголем број од граѓаните кои сакаат да направат тест тоа го прават во соседните градови, а не во местото во кое што живеат. Од досега заболените лица, поголем број се мажи за разлика од жените, на возраст од 30 до 40 години.

Вработените во Центарот за јавно здравје по повод  1-ви  Декември- Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА традиционално организираат едукативни предавања во училиштата, годинава предавања на оваа тема ќе има во средните училишта во четврток.

Инаку, се претпоставува дека најмалку едно од три лица од вкупно 2,5 милиони луѓе кои живеат со ХИВ во Европа не се свесни за својот ХИВ статус. Половина од оние луѓе што живеат со ХИВ се дијагностицирани доцна, со што се доцни со пристапот до терапијата, грижата и поддршката. Статистиката покажува дека мора да се направи повеќе во охрабрувањето на поединците да направат ХИВ тест, како и да се подобри пристапот до ХИВ тестирање за сите. Особено важно е што е можно поскоро луѓето што биле изложени на ризик да го дознаат својот ХИВ статус. За потсетување,  во Македонија првиот ХИВ позитивен случај е регистриран  во 1987, две години подоцна е регистрирано првото лице заболено од СИДА, а во 1989 година почина првото лице од оваа болест.

Коментари

коментар(и)