Еко работилница во училиштето „Толи Зордумис“

Ученици од трето и четврто одделение од основното училиште „Толи Зордумис“ под менторство на наставничките и мастер обучувачи Мерлин Стојановска и Зејнеп Бајрами како дел од еко секција денеска изработуваа креативни изработки на тема Кокиче. Работилницата е дел од воннаставните активности кои што се предвидени според проектот Нансен модел за интеркултурно образование, а „ Толи Зордумис“ е модел училиште кое што уште во 2015-та година аплицирало на отворениот повик за модел училиште објавен од Нансен дијалог центарот во Скопје. На денешната активност во училиштето, присуствуваше и претседателот на државава Стево Пендаровски.

– Ова е веќе втора година како во нашето училиште има повеќе тандеми, не сме само ние, но јас и колешката Зејнеп Бајрами сме првите во Македонија кои што започнаа со вакви мултиетнички работилници. Целта на овој проект е да се развива другарство, самодоверба, дружење, почитување на децата од различна етничка припадност. Темите по кои што работиме ги изготвува Нансен дијалог центар и се поделени по одделенија според возраста која што соодветствува на учениците, секоја година  темата се менува, секоја тема месечно има свои работилници. Оваа година ние имаме еко секција, значи изработуваме различни изработки кои што се поврзани со екологија, денеска тема на денот ни беше Кокиче , изработка од различни материјали од хартија, децата работат во групи,  групите ротираат од секоја работилница, не се исти, децата се многу весели и многу сакаат да се вклучат во вакви активности, Мерлин Стојановска, мастер обучувач од ООУ „ Толи Зордумис“

-Децата многу се задоволни со овие креативни работилници бидејќи тука се чувствуваат мотивирани , не им треба многу труд за да постигнат нешто , направивме 4 групи за кокиче. Целта на овие активности е децата да се запознаат меѓу себе и да се дружат, не е целта да се научи јазикот, но се појавува интерес кај некои ученици , исто така целта е децата да научат да работат во групи , да се почитуваат меѓу себе и да ја развијат креативноста заедно со другите ученици, изјави Зејнеп Бајрами, мастер обучувал од ООУ „ Толи Зордумис“

Директорот на Нансен дијалог центарот , Ветон Зеколи, посочува дека меѓу учениците во основното и средното образование се помалку има можност за интеракција, за соработка, можност за запознавање едни со други , а не би требало да биде така.

– Тоа што ние го нудиме не е учење, не е класично учење или организирање на активности, тие се воннаставни активности кои што се предвидени според Нансен моделот за интеркултурно образование и наставниците и учениците одбираат секции за воннаставни активности, денеска имавме еко секција, која е изработена од страна на нашиот тим за образование  и развој од нашата канцеларија и се дава годишна програма за еко секцијата. Имаме повеќе училишта во Македонија од 25 до 30 училишта кои што се активни, имаме преку 8.000 воннаставни активности на годишно ниво што се организираат во сите училишта, сепак имајте во предвид ние сме мала канцеларија, не можеме да ги сервисираме сите потреби. Имаме и наш тренинг центар кој што од 2012 година е отворен во соработка со министерството за образование и наука и со Советот за интегрирано образование на Северна Ирска и моментално имаме одбрано 180 наставници кои што ќе го поминат модулот А на обуки за оваа година, севкупно од 2012 година до денеска сме имале 1.000 наставници обучени во нашиот тренинг центар, изјави Ветон Зеколи, директор на Нансен дијалог центар Скопје

Проектот Нансен модел за интеркултурно образование и Тренинг центарот се финансиски поддржани од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Претходно, освен за вклученоста во Нансен проектот, директорот на училиштето Миле Јордановски го запозна претседателот Пендаровски со основните податоци за училиштето за бројната состојба, мултиетничкиот состав на ученици, но и активното учество на наставниците и учениците во голем број Еразмус проекти, меѓу кои и проекти наменети за децата со посебни потреби, како и комплетната подготвеност на училиштето за инклузивна настава.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)