Етнолошка изложба „Традиција проткаена во торбите“

„Традиција проткаена во торбите“ е насловот на етнолошката изложба на кустос етнолог од кумановскиот музеј, Валентина Илиевска, која се отвори синоќа во Уметничката Галерија.  Кумановци разгледаа 40-тина волнени торби од збирката ткаеници и народни носии, кои се изработени пред седумдесетина години во селата од кумановско и кратовско.

Дел од волнените торби кои беа презентирани пред јавноста се носеле и користеле за секојдневна употреба, за храна, собирање плодови, тревки. Тие обично се помалку декоративни за разлика од торбите кои се носеле за свечености, свадби, крштевки, изведување ритуали кои се декорирани со геометриски и флорални мотиви, обоени со една или повеќе бои. Волнените торби ја прикажуваат и умешноста на жените во минатото.  За изложбата на Илиевска, пред присутните зборуваше Анита Ѓорѓиевска, виш кустос, етнолог во кумановскиот музеј.

-Се работи за торби кои се како народни тканеници имаат вековна традиција и претставуваат значајна нитка во народното творештво.  Овие ткаеници низ годините наназад се пренесувале од поколение на поколение а во својот развоен пат во себе вклоиле многу елементи од разни културни влијанија што се вклопувале на овој дел од балканот и останале доказ за нашето минато, сегашност и иднина-истакна таа.

Изложбата ќе биде презентирана наредните две недели. Инаку Илиевска од 2007 година е вработена како кустос во музејот во Куманово. Таа досега организираше неколку изложби, меѓу кои Народна култура во кумановско, Шарени волнени чорапи, Сеќавањата на очка, Појасите во кумановско, Украсите на влашка носија. Покрај тоа што ја истражува материјалната култура таа е вљубеник и во духовната култура. Досега ги изработи документарните етнолошки филмови Самовилска вода, Гатачка, Албатинот раскажува, Марков бунар со кои учствуваше на многубројни фестивали во државата и надвор од неа и доби бројни награди и признанија.

 

Коментари

коментар(и)