Жарко Ракочевиќ си замина од КК Куманово

Центарот Жарко Ракочевиќ го напушти кошаркарскиот клуб Куманово. Ракочевиќ пристигна во Куманово во јануари на почетокот на зимските подготовки кога тимот го водеше поранешниот тренер Страшо Тодоровиќ, со цел да ја засили екипата за освојување на трофеј годинава. Во тој период во екипата на Куманово пристигна и младиот центар Александар Андрејевиќ кој дојде во клубот од редовите на КК Струмица. Од Андрејевиќ се очекуваше дека ќе биде солидна замена за Ракочевиќ во моментите кога првиот центар одмара.

 Првата изјава на Ракочевиќ како дојде во клубот, во која што изјави дека е задоволен од ростерот кој што во тој момент го имаше Куманово, беше оптимистичка. Тој посочи дека големиот број на репрезентативци кои играат за тимот доколку се вклопат, клубот ќе може да се направи одлична екипа.

Ракочевиќ претходно играше во екипата на Пакш во Унгарија. Управата на тимот на Пакш поради повредата која што го отргна од теренот месец дена ја прекина соработката со него и тој дојде во Куманово со цел да се врати во формата која што ја имаше пред да се повреди. Ракочевиќ потпиша со  клубот договор кој истекува на крајот од сезоната, но со самото доаѓање тој изјави дека соработката ќе зависи од повеќе фактори и од тоа како ќе се одвиваат работите во клубот.

Првиот натпревар на Ракочевиќ за тимот на Куманово, воедно и по повредата беше првиот меч од втората полусезона против екипата на Работнички на домашен терен. Куманово го доби мечот против Работнички со резултат 83 – 67, а Ракочевиќ имаше 10 поени, 10 скокови, 4 асистенции и една блокада.  

Ракоќевиќ одигра осум натпревари за клубот, вклучувајќи го и мечот против Работнички во Купот на Македонија. Мечот против Работнички во Купот беше и најдобриот за Ракочевиќ на кој што постигна 25 поени и 9 скокови. Најлошиот натпревар му беше против екипата на Кожув од минатото 19то коло кога имаше 6 поени, 6 скокови, една асистенција и две украдени топки.

Со заминувањето на Ракочевиќ од тимот, Куманово се соочува со сериозни проблеми на центарската позиција. Младиот Андрејевиќ се соочува со повреда и нема играно уште од Купот на Македонија.

Трансфер периодот е затворен, но од управата на клубот посочуваат дека договорот со Игор Бијелиќ уште не е раскинат и дека тој е подготвен да се врати во клубот. Дополнителни проблеми се што Бијелиќ сè уште е повреден. Од клубот се надеваат дека повредата би требало да се санира за дваесетина дена.

Кошаркарскиот клуб Куманово соопшти дека договорот со Ракочевиќ сè уште не е раскинат иако тој не се наоѓа во Куманово. Од таму додаваат дека црногорецот сака да ја искористи новата ситуација во клубот и да замине во австриски тим каде што ќе има поголема плата. Нагласуваат дека не се вистинити тврдењата дека Ракочевиќ си заминал поради недоразбирања со тренерот Србиновски. Од управата посочуваат дека договорот нема да биде раскинат доколку на клубот не му се плати оштета за предвремено раскинување на договорот.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)