Жените од СПМ одржаа предавање за здравје

По повод Mеѓународниот ден на жената, 8-ми март, Форумот на Социјалистичката партија на Република Македонија организираше манифестација во Куманово. Припадничките на понежниот пол, присуствуваа на предавање на професор-доктор Ненад Јоксимовиќ , а потоа можеа да постават и свои прашања за здравствените проблеми кои ги засегаат.

Професор-доктор  Јоксимовиќ рече дека жените најчесто поставувале прашања за симптомите за превентивно откривање на тумор и начинот на третирање на болеста.

-Ги интересираше за симптомите за превентивно откривање на тумор и начините на терапија кај одредени тумори, во смисла на хемотерапија, зрачење. Јас се потрудив да им пренесам тоа што би требало да го знаат од општа култура, за да можат превентивно да влијаат на своето здравје. Што значи дека секој е најдобар лекар за себе-наведе тој.

Претседателката на жените на Форумот на СПМ, Гордана Тошевска ја објасни целта на партијата за организирање на ваква манифестација.

– Чест ми е што можеме да се собереме и да ги прославиме достигнувањата на жените во полето на политиката, социјалната рамноправност и друштвениот живот-изјави Тошевска.

На манифестацијата организирана од форумот беше присутна и пратеничката Владанка Вировиќ, која истакна дека жените не само што се свесни за важноста на својата улога во општеството, туку и активно учествуваат во сите општествени дејности.

-Жените се потполно свесни и не само денеска, тие отсекогаш биле свесни за својата улога, меѓутоа, тоа што е важно да се нагласи, е тоа дека жената никогаш не го напушта своето семејство. Секогаш грижливо се однесува и кон своите деца и кон својот сопруг и кон своите најблиски. Затоа велам дека основата на животот лежи во жената-истакна таа.

На манифестацијата имаше презентации на најразлични производи за подобрување на здравјето и сите заинтересирани жени можеа да ги набават истите за промотивна цена, по повод 8-ми март.

Коментари

коментар(и)