Женската екипа во футсал од основното училиште „Магдалена Антова“ деновиве се подготвува за државниот натпревар во Скопје, откако претходно освоија прво место и на општинскиот и на регионалниот натпревар.
-Државниот натпревар ќе се одигра во Скопје од 14 до 16 мај, ќе учествуваат од 6 до 8 екипи девојчиња, истовремено тоа ќе биде и Олимпијада на која ќе земат учество учесници од сите спортови, ќе бидат застапени футсал, машки и женски, потоа ракомет, одбојка, кошарка и фудбал. На оваа олимпијада ќе присуствуваат учесници од повеќе градови во Македонија. Полека се подготвуваме, мислам дека ќе биде се во ред и се надевам дека ќе освоиме прво место, изјави Светлана Стојановска, професор по физичко и здравствено образование
Тренинзите се одржуваат во спортската сала на училиштето, која беше изградена пред пет години.
-Имаме тренинзи, одржуваме редовно тренинзи, напредуваме, за кого како, кој како навикнал, но не е многу напорно, три години тренирам, прво почнав во ЖК Речица, а продолжив во Карпош, изјави Бисера Јовановиќ, ученик
Освен футсал, учениците од „Магдалена Антова“ тренираат и кошарка, ракомет , фудбал и атлетика. Речиси во сите дисципилини покажуваат одлични резултати.