Жешката вода во бунарот постепено се лади

Белгиски бизнисмен сака да изгради бања  на местото каде што се појави топла вода во бунар во Черкеско село. Белгијанецот  испратил свои луѓе во Македонија кои деновиве го посетиле семејството Давиткови.

-Дојдоа од Белгија од некое здружение да ја испитаат водата да прават бања бидејќи по состав таа била богата со магнезиум и други состојки и била лековита вода. Тие разбрале за водата и ќе дојдат за неколку дена да ја испитуваат, изјави Стојан Давитков, сопственик на бунарот

И покрај тоа што водата постепено ја губи топлината сепак потенцијалниот инвеститор е заинтересиран за имотот на нашиот сограѓанин Стојан, кој како што вели, ќе дозволи да се гради бања во дворот на семејната куќа, но нема да ја продаде. Тој верува дека ако  се ослободи од имотот ќе му се случи нешто лошо.

-Јас не можам да го продадам имотот, додека сум жив и здрав нама шанси да продавам. Така ми кажаа некои луѓе кои имаат манастири во Скопје дека ако го продадам имотот ќе ослепам или ќе добијам шлог. Од Нова година наваму секој ден имав висок притисок, но благодарение на водата во бунарот сега сум подобар, изјави Давитков.

Откако се расчуло за топлата вода, дворот на Давиткови секојдневно е полн со посетители. Доаѓаат луѓе од сите страни, од сите националности да се измијат на водата, верувајќи дека има исцелителна моќ.  Освен од Македонија, досега  доаѓаа и наши иселеници од Австралија, но и едно девојче кое поседува биоенергија  од Варшава. Таа ми кажа дека водата ќе се олади, но ќе биде лековита. Така и се случи.  Штом се приближам до водата мене солзи ми течат од очите, а не можам да објаснам зошто се случува тоа, веројатно е во прашање некое чудо од Господ,  некоја енергија, раскажува Стојан. Тој имал претчувство дека  ќе се случи  нешто бидејќи сонувал необични сонови.

-Имав претчувство. Имав притисок 280 со 180, сега сум многу полексиран, посреќен. Пред Свети Јован сонував како деца се капат кај бунарот, излегувам надвор нема никој, но водата испаруваше, после сонував како жена во бело држи дете во раце, чудна работа, секаде се коле јагне курбан мене ми се бара прасе, сега не сум во состојба но во наредниот период мора да колам курбан за водата, изјави Стојан Давитков.

Иако водата постепено се враќа во првобитната состојба, таа не смее да се пие. Такви инструкции семејството добило од надлежните во Центарот за јавно здравје. Бидејќи до куќата на Давиткови нема водоводна мрежа,  за пиење полнат шишиња  од чешмите на Железничка станица. Стојан тврди дека откако се појавила светата вода во неговиот двор се случуваат несекојдневни работи, се блокираат интернет врската и електричното броило поради што, како што тврди Давитков  и сметките за потрошена електрична енергија се нереални и многу повисоки  од порано. Ако минатата година плаќал по 800 денари месечно, последните неколку сметки се дури за осум пати повисоки.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)