Живот на свеќа за семејството Велковски

Крпен живот живее четиричленото семејство Велковски. Последниве три недели свеќата е единствениот извор на светлина во домот на 47 годишниот Бране, десет години помладата сопруга Тања и двете малолетни деца, Алексеј и Лана. Столбот на семејството Бране е лице со оштетен вид дури 95 проценти поради што е трајно неспособен за работа. Единствениот месечен приход на ова семејство се паричните средства по основ на трајна туѓа нега во износ од 4300 денари. Со тие пари Велковски не можат да се прехранат, а не пак да го платат заостанатиот долг за три месеци за електрична енергија и плус месечната рата за станот од 1500 денари , бидејќи станот е купен на отплата на 40 години. До пред два месеца на Бране парично  му помагал татко му кој земал пензија , но откако починал, месечните сметки почнале  да се натрупуваат. До пред извесно време Бране земал и постојана парична помош, но , како што велат од Центарот за социјална работа поради невистинито прикажување на реалната состојба, оваа помош од државата му е укината.

-Примав постојана парична помош, но, ми ја укинаа бидејќи не сум пријавил кога починала мајка ми.  Сега само земам туѓа нега, но со 4300 денари не можеме да излеземе на крај. Додека беа мајка ми и татко ми живи имав помош од нивната  пензија, сега нема ништо, изјави Бране Велковски, корисник на туѓа нега

Иако е лице со речиси целосно оштетен вид, Бране се труди да обезбеди топол дом за своите дечиња. Во недостиг на дрва за огрев, тој собира штици  и други материјали на кои што се затоплува  една од собите во станот.

-Тешко се снаоѓаме. Одам собирам даски бидејќи немаме дрва за огрев, изјави Велковски.

Храна, хигиенски пакети и парични средства е она што му е најпотребно на семејството Велковски во моментов. Долгот за електрична  енергија изнесува околу 8.000 денари, па доколку некој сака и може да помогне може да го контактира семејството. Бране се надева дека постојат хумани граѓани, здруженија, организации, институции кои што на било каков начин ќе му помогнат.

– Ако може некој да ми помогне ќе му бидам благодарен , изјави Велковски.

Од центарот за социјална работа велат дека сопругата на Бране, која што е српски државјанин е упатена од нивна страна дека сопругот има право на семејна пензија  поради трајната неспособност за работа. Исто така, надлежните ја упатиле сопругата, Бране да поднесе барање за социјална парична помош за него и за децата. Барање за остварување на ова право Велковски се уште не поднеле , но имаат  поднесено жалба во министерството за труд и социјална политика за постојана парична помош. Одговор од таму се уште нема.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)