80-ина семејства од улицата „Доне Божинов“ или попозната како Прмакови ниви, која се наоѓа зад Споменик Костурница, со децении живеат без канализација и асфалт. Иако се наоѓаат на помалку од два километри од центарот на градот, граѓаните се чувствуваат како да се отсечени од светот. Револтираните жители тврдат дека и покрај нивните барања да им се решат овие основни инфраструктурни проблеми, за сега нема одговор од надлежните.
-Јас сум тука од 90-ти години нема ништо, само ветуваат дека ќе средат и ништо не прават. Најголем проблем се патот и канализацијата. Такси кога ќе прашаме тие велат дека не доаѓаат, лош е патот-велат жителите.
Поради излевањето на отпадните води од нивните домови, на улицата, во реката и во околните ниви се шири реа, која е особено неподнослива во летниот период. Жителите се жалат дека поради ископаниот и неасфалтиран пат до нив не може да стигне ни Брзата помош, а особено е тешко во зимскиот период, кога се принудени со калливи обувки да се шетаат низ градот.
-Нема никој канализација овде, кои се близу до река во неа ја спроведуваат канализацијата-наведуваат тие.
Незадоволните граѓани додаваат дека повеќе нема да веруваат во празните ветувања на политичарите и ги повикуваат проблемот што поскоро да го решат.