Жители блокираа изградба на пруга во Режановце

Мештаните на кумановското село Режановце утрово по втор пат ја блокираа изградбата на пругата Куманово-Бељаковце, бидејќи надлежните иако им ветиле се уште не поставиле канализациона цевка под пругата. Тие тврдат дека сега, кога трае реконстукцијата, е можност да се постави цевка и да приклучат канализациска мрежа во селото. Раскажуваат дека фирмата изведувач по првиот протест, кој се одржа пред еден месец, им ветила дека до петок ќе го исполни нивното барање, но од тоа се уште нема ништо.

-Срамота и греота е  ова што го прави државата, 12 години тапкаме во место. Избори поминуваат, ветуваат, но нема ништо и затоа мора да вршиме притисок и ова да се направи-велат тие.

Додаваат дека по 20 години сега добиле можност да вградат канализација во селото, како што имаат Лопате и Опае. Велат дека само е потребно да се пробие патот, кој што е во надлежност на Македонски железници, и потоа Општина Куманово ќе ја преземе изградбата на канализационата мрежа.

Утринава село Режановце го посетија и претставници од една од фирмите подизведувачи, која е задолжена за реконструкција на делницата. Тие првин им соопштија на жителите, дека немаат цевки, а потоа дека машината е во дефект и дека затоа се уште не е преземено ништо. Мештаните на Режановце истакнаа дека ќе продолжат со протестите се додека не се оствари нивното право.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)