Жители на Карпош бараат пат од општината

Педесетина семејства во населбата Карпош секојдневно поминуваат по приватен имот за да стигнат до главната улица. Жителите на улицата 174 кои што денеска дојдоа пред Општина Куманово да побараат од надлежните да им се обезбеди право на слободно движење, односно пристапност на улицата, тврдат дека пред десетина години дел од улицата е приватизиран преку процес на денационализација, а пред две ипол години и останатиот дел. 

-Ние на улицата 174 живееме од 1978-та година, плановите за куќи ни се продадени од општината, во стариот план од 1978-та година имавме улица. Во 2008-та година кога првпат побаравме улицата да биде асфалтирана тие ја приватизираа, односно еден дел од улицата. Пред две ипол години е приватизиран и вториот дел од улицата, во должина од 30 метри, 7 метри ширина, по должина на улицата има ставено труп, сопственикот кој го приватизираше стави труп. Сега бараме лично од општината бидејќи таа ни продаде, таа и да ни го реши проблемот. Нека ни најде парцела преку која ќе ни направат улица преку која ќе поминуваме, изјави Христина Колев, жител на улица 174 во населба Карпош

Заради поставениот труп , граѓаните тврдат дека во улицата не може да влезе возило на Итна медицинска помош, пожарна, но и екипите на „Чистота и зеленило“. Неколку пати до сега поднесувале барања до општината за изнаоѓање решение на проблемот, но како што велат, надлежните само ветуваат, но не исполнуваат.

-Во 2008-та година е поднесено првото барање за асфалтирање, наместо асфалт тие го приватизираа првиот дел од улицата, поголемиот дел, сега го приватизираа и помалиот дел. Секоја година, некогаш еднаш, некогаш два пати годишно поднесувавме барање и до градоначалникот, до Совет на Општина Куманово, до Сектор за урбанизам, секогаш гледавме да биде пред донесување на буџет за да можеме да влеземе во него, но едноставно, ќе ветат дека ќе направат и ништо. Од 2008-та  до денеска, втори декември 2019-та, значи има полни 11 години, за 11 години еден куп ветувања, а ништо не е остварено, изјави Христина Колев, жител на улица 174

-Јас сум раселено лице од 2001-т а , таму купивме куќа, пари дадовме, данок 4 проценти плативме, а пат немаме и треба градоначалникот да се заземе за овој случај. Кој ќе го реши патот, тој ќе ги добие гласовите иако не сум политички определен. Десет години веќе живееме на улицата. Според документите пат постоеше, после 3-4 години, пат не постои. Не може да се влезе со возило во улицата. Кога ја купив куќата пат имаше, сега нема пат, како е можно тоа? , изјави Горан Стојчевски, жител на улица 174

Со дел од жителите на Карпош во однос на проблемот со пристапност  на улицата денеска се сретнаа секретарот на Општина Куманово и претставници од Секторите за комунални работи, инфраструктура и заштита на животната средина и природата, за урбанизам , за правни работи, имотно-правни и општи работи.

„На средбата, жителите беа известени дека во Програмата за уредување на градежно земјиште за 2020 година, предвидена е изработка на инфраструктурен проект за споменатата улица. По добивање на одобрение за инфраструктура, ќе се пристапи кон експропријација, а по завршувањето на истата, следува конкретна реализација на улицата, доколку има обезбедени средства во Буџетот на Општина Куманово“ , се вели во соопштението од Општина Куманово.

Коментари

коментар(и)