Жители на Стари лозја бараат фекална канализација

Жители на улицата 503 во месноста викана Стари лозја бараат од Општина Куманово приклучок на фекална канализација, за кој што тврдат дека имаат платено уште во времето кога ги изградиле куќите. Непријатна миризба од септичките јами и отпадните води кои што течат по улицата се чувствува во целата населба, а граѓаните се плашат за здравјето на своите деца.

-Ние граѓаните на населба Стари лозја бараме да ни се одобри приклучок за канализација за да ни се подобрат условите за живот, особено хигиената. Да напоменеме дека оваа населба е урбанизирана. Јас бев иницијатор, напишав  петиција од сите граѓани, меѓу тие граѓани имаше и христијани кои што се согласија да ни дадат лична карта да побараме да се направи канализација,како за нив, така и за нас. Неколку куќи на почеток на патот имаат канализација, но ние во Стари лозја немаме. Петицијата е доставена до Општина Куманово и до сега ништо не е превземено од општината, изјави Рамо Исмаиловски, жител на Стари лозја

-Проблемот во оваа населба е што децата ќе се заразат од фекалиите кои што течат по улицата. Хигиената треба да биде на ниво, да имаме канализација, осветлување, се уште користиме септички јами кои што шират смрдеа, непријатна миризба, децата ќе добијат инфекции. Тука живеам 15 години, платено е се, дозвола и се што треба да се плати на општината, плус плаќаме комуналии, јавно осветлување, а немаме ништо, изјави Бајрам Демировски.

-Лично моето внуче доби инфекција, изјави Тане Рушитовски.

Од Општина Куманово велат дека жителите од Стари лозја што бараат да се направи фекална канализација и што велат дека имаат платено комуналии, делумно се во право , бидејќи истите имаат платено само 40 проценти, а тоа се претходни вложувања, додека за изградба на фекална канализација, на улица, експропријација и слично, ништо не е пресметано во нивните комуналии . „Во иднина ако се направи фекална канализација и улица ќе треба граѓаните да доплатат, зависно од степенот на изграденост , велат надлежните.  Во моментов, порачана е техничка документација за фекална канализација , меѓутоа се уште не може да се реализира бидејќи целиот тој дел е приватен, а за да се реализира нешто треба да се направи експропријација, која што во моментов општината ја нема направено“, вели  Момчило Јовановски од Секторот за комунални работи, инфраструктура, сообраќај и заштита на животната средина и природа.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)