ЖРК Куманово во финале на Купот на Македонија

Женскиот ракометен клуб Куманово обезбеди место во големото финале на ракометниот Куп на Македонија, откако синоќа го совлада тимот на Металург со 29-22 во второто полуфинале.

Ракометарките на тренерот Ненад Краљевски водеа во текот на целиот натпревар, иако Металург во првите 20 минути од играта не дозволуваше поголема разлика. По 15:10 на полувреме, вториот дел од средбата помина во целосна доминација на кумановки кои само ја зголемуваат предноста и славеа пласман во финале.

– Девојките направија голем напор за да одиграат на ова ниво. Одигравме одлично во одбраната, паметно во нападот и би сакал од срце да им честитам. Работам со феноменална група. Го направивме првиот чекор, а се надевам дека во финалето ќе биде исто вака.  Играме на домашен терен, што е можеби додатен притисок кај девојките, но се надевам дека во финалето ќе има поголем број на публика, без разлика на резултатот-нагласи тренерот Краљевски.

Со девет гола најефикасна беше Ана Шарановиќ, со гол помалку Сања Дабевска, а шест погодоци реализираше Боризовска. Извонредна одбрана имаа голманките Ивана Дичковиќ и Ивана Наумовска.

-Пресреќна сум, заедно со екипата дадовме се од себе, мислам дека лавовски се боревме и стигнавме до тоа што го сакавме. Вардар не треба да се потцени, екипата е добра, се надевам дека ќе ги победиме и ќе го освиме Купот на Македонија, изјави ракометарката Сања Дабевска.

Во финалето ЖРК Куманово утре ќе се сретне со актуелниот шампион Вардар. Мечот ќе се одигра со почеток во 16 часот во Спортска сала, а домаќинот веќе ја има предноста што ќе настапува пред својата публика.

Коментари

коментар(и)