ЖФК Речица го изгуби пријателскиот натпревар од ЖФК Истатов

Женскиот фудбалски клуб „Речица“ вчера на домашен терен го одигра последниот подготвителен натпревар пред почетокот на првенството против ЖФК „Истатов, Дојран“. Натпреварот заврши со резултат четири спрема еден за гостите кои што имаа подобра реализација. Првото полувреме неочекувано заврши со три гола предност за гостинската екипа која што покажа дека има капацитет за брза и ефикасна игра на резултат. Во почетокот на второто полувреме екипата на ЖФК „Речица“ направи сериозен притисок врз одбраната на ЖФК „Истатов“, а и сите редови на теренот покажаа цврстина и максимална подготвенст. Под големиот притисок одбраната на гостите попушти и ЖФК „Речица“ постигна гол. Во продолжение на натпреварот домашната екипа имаше пад во играта со што му овозможи на ЖФК „Истатов“ да развие игра со повеќе додавања која што при крајот на натпреварот резултираше со гол за гостите.

-Во глобала можеме да бидеме задоволни. Наидовме на еден добро мотивиран противник кој што добро се бранеше, добро покриваше и затвараше. Недостасуваа некои тактичко технички елементи кои што ќе гледаме во текот на наредните денови да ги отклониме за да можеме да стартуваме како што треба во склад со нашите амбиции кои оваа година ни се доста високи. Најавуваме амбиции за борба за висок пласман на табелата, вели Кирил Изов, тренер на ЖФК „Истатов“

Натпреварот помина во фер игра, но со максимална мотивираност и борба на двете страни, така што и двете екипи имаа свои моменти на игра и на реализација. Гостинските фудбалерки посочија дека домашната екипа и покрај резултатот од три гола разлика може да биде сериозен и незгоден противник во текот на првенството.

-Реално екипата е релативно млада. Противникот од Дојран има фудбалерки во А репрезентација. Постори се поискусни имаат по 30 години, сè уште не можеме да се мериме со нив меѓутоа релативно добро одигравме, децата истрчаа како што треба, има мали грешки во одбраната меѓутоа тоа со тренинг ќе треба да се изретчи, вели Мартина Бовлева, капитен на ЖФК „Речица“

Екипата на „Речица“ полека од година во година станува искусна екипа. Сме играле веќе неколку сезони наназад и од година во година покажуваат дека можат да се носат со останатите ривали од нашето, домашно првенство, вели Елена Чакмаковска, голман на ЖФК „Истатов“

Тренерот на ЖФК „Истатов Дојран“, Кирил Изов исто така е и тренер на македонската фудбалска женска репрезентација. Изов посочи дека во тимот на ЖФК „Речица“ има фудбалерки кои што би можеле да се најдат во репрезентативниот тим.

-Во наредниот период следам играчи од овој клуб како и од сите други и за некој  брз период неколку од девојките кои што играат за ЖФК „Речица“ можат да се најдат на мојот список. Посебно би ја спомнал капитенката Мартина Бовлева која што после паузата се враќа во голем ритам, после повредата се враќа Анастасија Митревска која што е голем потенцијал и ако продолжат да работат набрзо ќе го облечат дресот на сениорската репрезентација на Македонија, вели Кирил Изов, тренер на ЖФК „Истатов“

Во првото коло од првенството во женската македонска фудбалска лига ЖФК „Речица“ ќе го пречека ЖФК „Драгон“, а ЖФК „Истатов“ ќе игра против ЖФК „Тиверија“ од Струмица на гостински терен.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)