Заврши екстерното тестирање на матурантите

Заврши екстерното тестирање на матурантите.  Според надлежните, проверувањето на учениците кое се спроведуваше од понеделникот поминало во најдобар ред со мали забелешки во врска со двосмисленост на одредени прашања, непонудени одговори кои што матурантите ги очекувале како можни точни или пак понудени одговори кои што не соодветствуваат со поставените прашања.

-Од нашето училиште беа опфатени 245 матуранти кои беа обврзани да полагаат два предмета. Имаме како и секоја година сугерирања од страна на учениците во врска со прашањата  по одредeни предмети. Секој тестатор е задолжен тоа да го стави како забелешка во записникот кој го пишува, потоа училишната комисија пишува извештај, во тој извештај се пишува името и презимето на ученикот, предметот кој го полага, прашањето -одговорот на прашањето, и прашањето кое е поставенo и понудените одговори, така што кога ќе стигнат резултатите доколку имаме пониска оценка или пак да не им го признавааат прашањето тогаш ние поднесуваме приговор доколку учениците приговараат, изјави Кети Домазетовиќ, педагог во Гимназија „Гоце Делчев“

И во средното општинско училиште „Перо Наков “ нема забелешки во врска со екстерното тестирање.

-Денеска заврши тестирањето, ова беше четвртиот  ден кога се тестираа  учениците од нашето училиште, денеска се тестираа ученици  во кабинети кои што беа соодветно опремени за таа намена. Сите ученици се тестираат по два предмета, оние кои што се тестираа денеска претходно се тестираа во вторникот, оној да кажеме рок од три дена беше запазен според дописот кој ни дојде од Скопје и се помина во најдобар ред, изјави Лидија Тасевска, директор на СОУ „Перо Наков“

Надлежните се задоволни од досегашните постигнати резултати на екстерното проверување. Кумановските училишта секоја година котираат високо. Гимназијата „Гоце Делчев“  минатата  година беше рангирана на четврто место на ниво на државава, вели Домазетовиќ .

-Од самиот старт на екстерното тестирање гимназијата е на првите места, лани беше на четврто  место , навистина од една страна не радува, а од друга страна колку е екстерното тестирање добро осмислено ќе покаже времето,  -изјави Кети Домазетовиќ, педагог во Гимназија „Гоце Делчев“

-Во глобала сум задоволна  како директор,  но секогаш постои простор за уште подобро , така што мислам дека може да биде уште повисок резултатот, изјави Лидија Тасевска, директор на СОУ „Перо Наков“

Во техничкото училиште „Наце Буѓони“  денеска полагале 51 матурант, а вкупно 222 ученици биле тестирани изминативе денови. Во земјоделското училиште „Киро Бирназ“ во просек секој ден полагале по 61 ученик.  За учениците кои од оправдани причини не присуствуваа на екстерното тестирање, ќе следи тестирање во друг термин. Според податоците на Државниот испитен центар за тестирањето биле  пријавени 19.931 матуранти , на ниво на државата. 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)