Заврши ликовната колонија „Карпино 2019“

Во комплексот „Грација“ вчеравечер беше затворена  17. Меѓународна ликовна колонија  „Карпино 2019“. На колонијата  учествуваа 15 уметници од Италија, Хрватска, Црна Гора, Србија и Македонија, кои што создадоа триесетина дела. Организатор на колонијата е Мултимедијалниот центар „Карпино“.

„Уметниците седум дена неуморно твореа, создадоа триесетина дела. Дел од нив ќе останат во депото на Мултимедијалниот центар „Карпино“, а некои ќе ги красат витрините на збратимените градови со Општина Куманово“ , рече директорот на Мултимедијалниот центар „Карпино“, Зоран Павловски.

Уметничката директорка на колонијата, Валентина Илиевска потсети дека еден од иницијаторите за одржување на оваа ликовна колонија  е уметникот Драгиша Димитриевски- Шипе на кој што се посветени и т.н. Шипеви вечери организирани од Мултимедијалниот  центар Карпино.

На затворањето на колонијата градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски посочи дека колонијата пред се станала бренд во делот на слободно творење на овие простори и пошироко. Тој се надева дека уметниците повторно ќе имаат можност да творат во просториите на манастирскиот комплекс Карпино, кој што со години наназад е во фаза на распаѓање.

На годинешнава ликовна колонија, најмладата учесничка е 22 годишната кумановка Бојана Андоновиќ , студент на Академијата за ликовни уметности во Скопје. Задоволна е од целокупната организација на колонијата, а пред се од одличната соработка, но и добронамерните критики што ги добила од врвните уметници.

-Прв пат се среќавам со ваков тип на една заедница каде што имав чест да бидам заедно со искусни врвни уметници од Македонија и пошироко. На почетокот , морам да признам дека имав огромна трема бидејќи се соочувам со нешто непознато, но набргу бев одлично пречекана од повозрасните колеги и морам да кажам дека имавме одлична соработка и задоволна сум од остварените дела. Се надевам дека ќе соработувме и понатаму. Морам да признам дека и самата барав критики, бидејќи голем дел од колегите се врвни, искусни уметници за кои што учев во книгите по историја на уметност и сакав да добијам критика, критиките ги примив со големо разбирање и бев задоволна, изјави Бојана Андоновиќ, студент на Академија за ликовни уметности  Скопје

Уметникот Светозар Тасиќ од Врање, Република Србија кој што втор пат учествува на „Карпино“  изјави дека колониите всушност се создавање нови дела и стекнување нови пријателства.

– Прв пат сум во Македонија која што е многу инспиративна. Посетивме неколку манастири, ги посетивме Камени кукли во Куклица, а сето тоа беше инспирација за моето творење на оваа ликовна колонија, изјави Леа Чечењ, уметник од Хрватска

Колонијата „Карпино 2019 “ е под покровителство на локалната самоуправа и Советот на Општина Куманово.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)