Заврши ликовниот камп АСНОМ 2019

Стотина уметнички творби, слики и графики изработија учесниците на детскиот ликовен камп АСНОМ 2019 што се одржа во Меморијалниот центар во Пелинце. Основците од шесто до деветто одделение од сите училишта и дел од корисниците на услугите на дневните центри за лица со интелектуална попреченост четири дена твореа, ја искажуваа својата креативност, желба и фантазија на платно, а денеска на свеченото затворање на ликовниот камп беа наградени со благодарници за нивното учество. Детскиот камп АСНОМ веќе деветта година по ред е во организација на Фондацијата за култура и спорт, под покровителство на градоначалникот и Советот на општината.

-Се потврди дека интересот од година в година е се поголем од сите основни училишта во Куманово. Идејата беше прво на некој начин да ги искористиме можностите на талентираните деца кои што ги има во се поголем број и да им се даде шанса и можност да творат во повеќе ликовни техники,  рече Нино Величковски, Фондација за култура и спорт

-Оваа манифестација има за цел да ја поттикне креативно и уметничкиот дух кај децата, затоа ние како Општина Куманово ја поддржуваме и понатаму ќе продолжиме со поддршката на оваа манифестација , секако и другите , рече Десанка Стошевска, Секретар на Општина Куманово

Триесетте учесници на ликовниот камп твореа на слободна тема. Идните уметници имаа можност под менторство на своите професори низ еден реален приказ да го прикажат нашето кумановско секојдневие и да ја изнесат нивната фантазија во однос на она како тие го доживуваат светот. 

-Имаме околу 30 деца кои што се талентирани, посебни секоја на свој начин и имаме добар квалитет на сите дела што се досега сработени. Околу стотина дела имаме, се надеваме дека наредната година која е јубилејна десетта по ред ќе има и повеќе учесници и повеќе дела,  изјави Симона Јакимовска, ментор од ООУ„Крсте Мисирков“

Ликовните творби како и претходните години ќе бидат донирани на Регионалниот центар Дневен центар за лица со интелектуална попреченост „Порака наша“.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)