Заврши првенството во пливање

Заврши зимското државно првенство во пливање кое викендов за прв пат се одржа на Затворениот градски базен во Куманово.

Вкупно 217 пливачи од 16 клубови од Република Македонија учествуваа на првенството кое започна во сабота, а заврши вчера. На свеченото отварање се обратија градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски и првиот човек на пливачката федерација Александар Маленко.

Димитриевски порача дека е чест и задоволство што Куманово е домаќин на ваков настан и изрази надеж дека допрва со ова ќе се мотивираат младите генерации да се вклучат во развојот на пливањето во Македонија.

– Јас сакам да направам паралела во спортот и политиката. На политиката нема да и дозволиме да се меша во спортот и нема да дозволам спортот да се меша во политиката, затоа ќе ви се заблагодарам на сите, овој објект е граден за граѓаните, за спортистите и секогаш ќе стои на располагање од страна на Општина Куманово да се одржуваат вакви настани во нашиот град, тоа е голема чест за сите нас и уште еднаш ми претставува задоволство што денеска имаме наши клубови, екипи од нашиот град од Општина Куманово, рече Димитриевски во своето обраќање.

На 50 метри слободно симболично настапи и претседателот на федерацијата Александар Маленко со цел да ги мотивира младите учесници.

– Голема благодарност до градоначалникот кој го сака спортот и ни го овозможи сето ова, заедно со нашите членови, техничкиот организатор „Аква“ и пред се на сите вас родители, пливачи, раководство, општината кои овозможивте прв пат оваа првенство да се одржува во пет категории во Куманово, рече Маленко во своето обраќање.

Во категоријата помладиот пионери и пионерки победници се Калина Стојановска и Јован Јанковски, во постари пионери и пионерки Ева Петровска и Андреј Стојановски. Најдобри во категоријата кадети и кадетки беа  Ана Марија Пејчиновска и Антониј Симоновски, додека во Младинки, младинци и апсолутна категорија медалите и признанијата заминаа во рацете на Миа Крстевска и Филип Дерковски.

Меѓу 16 клубови учесници на првенството се најдоа и три клубови од Куманово кои за прв пат пред својата публика настапија на спортска манифестација од ваков карактер.

Коментари

коментар(и)