Заврши проектот „На патот“

Заврши проектот „На патот“, кој беше финансиран од Амбасадата на Швајцарија а имплементиран од ЛАГ АБЕР 2015. Проектот имаше за цел да овозможи услови за развој на креативниот и творечки потенцијал на кумановските уметници. Во исто време, беше насочен кон создавање конекции меѓу уметниците и обичниот човек на тој начин што ќе го доближи нивното творештво до публиката која се поретко наоѓа време да ги посетува официјалните уметнички настани и изложби. Kрајната цел беше да се поттикне свеста за културно-уметничкото наследство и туристичкиот потенцијал во руралните делови на регионот, истовремено демонстрирајќи ја огромната креативна моќ која ја имаат современите уметници и нивниот неискористен потенцијал од локалните и регионалните културни фактори.

Скулптурата „Кавалџија“ на Горан Стаменков поставена на плоштадот во Старо Нагоричане сега е често фотографиран детаљ од туристите кои доаѓаат во црквата „Св. Ѓорѓи“; делата „Козјак“и „Пингвини“ на ѕидот на основното училиште Крсте Мисирков, изработени од Дејан Божиновски – Коска укажуваат на природните убавини на руралните подрачја околу Куманово, но и на опасноста од загадувањето; „Весела станица“ на Дејвид Стоилковски прва ги дочекува посетителите кои одат во посета на спомениците во општина Старо Нагоричане; „Улица на виножитото“ од Валентина Илијевска го разбива кумановското сивило и ја потенцира потребата за заштита на градското зеленило; уметничките билборди направени за неколку рурални туристички места ја потенцираат потребата од потесна соработка меѓу бизнис заедницата и уметниците…

-Голема благодарност до сите уметници кои ја посетуваа  куќата во која се одвиваше проектот, како и на медиумите, пријателите и обичните луѓе кои ја почуствуваа енергијата и ни дадоа поддршка во реализацијата. Особена благодарност до Амбасадата на Швајцарија за довербата која ние, како здружение за рурален развој, ја добивме за реализирање на проект од област што навидум е неспоива со нашата стратегија-стои во соопштението од ЛАГ АБЕР.

Најважно од сé е идејата од проектот да продолжи да живее, институционализирана преку локалните самоуправи, кои многу лесно можат да одделат и овозможат средства и простор за творење на младите уметници од регионот. Преку овој проект, покажавме дека тие со сигурност ќе знаат како да се оддолжат за добиената шанса и ќе придонесат регионот да ги добие основните карактеристики преку кои ќе можеме нашите општини да ги наречеме „културни“. Но, за да се случи тоа, претходно е потребно целосно ослободување на уметноста, непречен развој на независната уметничка сцена и протежирање на квалитетот во создавањето на културните политики во државата-завршува во соопштението.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)