Заврши учебната година во вонредни услови

За 10.286 ученици во 16 општински основни училишта денеска завршува учебната година. Од нив, 1.054 се деветтоодделенци, а 147 основци се отпишани во текот на годината, информираат надлежните од Секторот за образование при Општина Куманово.

Учебната 2019/2020 година завршува првпат во вонредни околности и надвор од училишните клупи кои останаа празни од 11 март поради опасност од ширење на заразата со коронавирусот.

Во изминатите три месеци учениците и наставниците се приспособуваа на онлајн-учење, предавање и испрашување, при што се користеа различни алатки и платформи за видеокомуникација.

На последниот ден од учебната година директорите на основните и средните училишта во Куманово отворено зборуваат за сите потешкотии, недостатоци,  но и предности на далечинското учење.

-Нормално дека потешкотии за прв пат имавме затоа што немавме обуки извршено од страна на Бирото за развој на образованието и бевме принудени секој интерно да најде начин како да стапи во контакт со децата. Имавме потешкотии додека ги најдеме сите деца, додека професорите направат акаунт за да можат да се адаптираат на оваа настава, бидејќи мое мислење е дека е најдобро кога учениците се во училишните клупи затоа што тука другаруваат, се социјализираат и се образуваат и поинаку е ова што не задеси меѓутоа согласно ситуацијата и ние моравме да се прилагодиме. Простор имаше голем, секој наставник изнајде начин да стигне до ученикот, дали ќе формираат групи преку смс пораки или пораки кои ги праќаа на социјалните мрежи. Нашето училиште прво започна во Општина Куманово да спроведува зум платформата и наставниците и децата ја прифатија, со тоа ја и завршивме оваа учебна година. Потешкотии и денеска ги има, има некои ученици кои се од социјално ранливите категории и многу подоцна стапивме во контакт со нив бидејќи од оправдан начин не можеа да ја следат наставата. За пофалба е што најде начин и Министерството да достави картички со кои може да се приклучат на интернет и тие да следат настава и се надеваме дека од септември подобро организирани, со обука и една единствена цел пред се да се вратиме во училишните клупи, изјави Александар Јовановиќ, директор на ООУ „Крсте Мисирков“

Во петте општински средни училишта, оваа учебна година завршуваат вкупно 5.093 ученици. Од нив, 1.237 се матуранти, а 36 средношколци се отпишани во текот на годината.

– Ние мислевме дека тоа малку тешко ќе оди затоа што имавме некои ученици кои што немаа можност, немаа компјутери, иако беа во многу мал број, меѓутоа и тие ученици беа средени и имаа можност да ја следат наставата онлајн. Наставата наставниците ја прилагодија секој спрема своите потреби, некои одржуваа врски и часови со ученици преку скајп, преку зум, преку новите алатки, некои на вибер, преку мејлови, меѓутоа во секој случај наставата се одвиваше на начин спрема можностите. Добро е што постои ваква  онлајн настава, но добро како алтернативно решение затоа што немаше друг начин како да ги оствариме контактите со учениците и навистина, како алтернативна настава е одлично. Меѓутоа, наставата која што си беше и која е нормално да се одвива со нивно физичко присуство во училиштето не може ништо да го замени, училиштата ни се празни, ние сме тука доаѓаме на работа секојдневно, се организираат и служби за дежурства, наставниците доаѓаат да си ги завршат обврските што мора да се завршат во хартиена форма во дневниците за евиденција. Се надеваме дека ова брзо ќе заврши и дека од септември нашите училишта ќе бидат повторно полни и децата ќе се вратат тука каде што им е местото, изјави Весна Трајковска, директор на ССОУ „ Киро Бурназ“

Од Секторот за образование информираат дека доделувањето на свидетелства за завршено основно образование и врачувањето дипломи и награди за ученици на генерацијата ќе се изврши на 15 јуни годинава, согласно мерките и препораките за заштита од корона вирусот со ограничување на лицата во просториите и обезбедување на заштитна опрема и средства. Доделувањето на свидетелства и награди за учениците од другите одделенија, допрва ќе биде утврдено, а за учениците на генерацијата за сите средношколци ќе се изврши во текот на месец јуни.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)