Завршува рехабилитацијата на патот кон ГП Пелинце

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов денеска извршија увид во рехабилитацијата на делницата Пелинце-Граничен премин Пелинце. Со тековната обнова ќе се заокружи рехабилитацијата на целата патна инфраструктура во должина од 15 километри во делот на општините Куманово , Старо Нагоричане и Ранковце.  

„Во овој момент се работи на рехабилитација од Пелинце до граничниот премин што е особено многу важен за сите населени места и граѓани што што гравитираат тука, а ги има преку 4500 граѓани. Вкупната инвестиција е 1,5 милиони евра. Исто така реконструирани се и неколку други регионални правци во Куманово и кумановско кон Ранковце“ изјави министерот Сугарески.

Според него, во ресорот „транспорт” има одлична динамика на реализацијата на капиталните инвестиции, Реализирани се околу 70 проценти во патната инфраструктура.  Сугарески вели дека Владата силно е  посветена во делот на патната и железничката инфраструктура.

„Буџетот на министерството за транспорт е поголем од ланската година што значи ќе имаме поголем број на проекти во реализацијата на водоводи, канализации, комунална инфраструктура, железници,социјални станови“ рече Сугарески.

 Тој потенцира дека 500 километри патишта се направени во период од година ипол, за разлика од претходната Влада која што за 11 години рехабилитирала  околу 650 километри патишта.

Директорот на ЈП за државни патишта , Зоран Китанов посочи дека се завршуваат последните два километра од патниот правец кон ГП Пелинце, кој што стар 50 години, а никогаш до сега не е рехабилитиран.

„Во изминатиов период  заврши  рехабилитацијата на патот Куманово- Опае, Куманово – Никуштак, вкупно  42 километри рехабилитација на патот од Куманово до Свети Николе. Во моментов заврши тендерската постапка за т.н. Искрин мост , а во тек е и тендерот за мостот во Драгоманце, чија што обнова ќе отпочне напролет“ , рече Китанов.

Китанов потенцираше дека јавното претријатие согласно програмата има реализација од 110 проценти со средства од претпријатието. Тој додаде дека доколку дозволат временските услови до крајот на годинава ќе отпочне рехабилитацијата на патниот правец Куманово- Страцин, во должина од 30 километри.

„Очекувам догодина до летото веќе целокупната должина од Куманово до Крива Паланка да биде рехабилитиран, завршен е тендерот, чекам од министерстворто за транспорт и врски употребна дозвола да отпочнеме со патот што е преку ЕБРД од Крива Паланка до ГП Деве Баир . Тоа е веќе сериозна реконструкција бидејќи таму ќе се шири патот на три ленти, ќе се градат нови шест моста, изведувачот е избран, значи може да отпочне и сега, а нормално ќе продолжи во пролет“, рече Китанов.

Тој за наредната година најави и рехабилитација на патот кон мегалитската опсерваторија Кокино во општина Старо Нагоричане.

Претходно, министерот Сугарески и директорот Китанов остварија средба со градоначалничката на општина Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска со која што разговараа за проектите кои што се во изработка, претежно за локалните маалски патишта. 

„Правиме напори преку министерството за транспорт и врски за еден капитален проект – водовод во Младо Нагоричане каде што во тек се  бушотини за испитување на капацитетот на водата и доколку има добри единици на вода ќе продолжиме да го реализираме. Мостот во село Драгомаце е преодна рампа на целиот плански дел од нашата територија, кој ја поврзува мегалитската опсерваторија Кокино и е од големо значење.  Тој е во руинирана состојба , еднаш поправан , а сега ќе биде целосно реконструиран „ рече Јовановска.

Со спојување на патот до граничниот премин Пелинце се зголемува фреквенцијата на патниците, со оглед дека во летниот период кога има гужви на граничниот премин Табановце , граѓаните го користат овој премин и се запознаваат со убавините на Старо Нагоричане со што се надеваме дека ќе се развие и туризам.

Јовановска се заблагодари на министерството и владата што одвојуваат многу средства за ваквите општини кои што биле оставени на работ на времето.

Коментари

коментар(и)