Заев: Владата поблиску до граѓаните!

„Поблиску до граѓаните и до локалната самоуправа и поблиску до нивните потреби за да ги слушнеме нивните укажувања, за да ги одредиме приоритетите во интерес на граѓаните“ е целта на владините седници што се одржуваат надвор од Скопје,  рече премиерот Зоран Заев пред почетокот на синоќешната 171 редовна седница што се одржа во Занаетчискиот дом во Куманово. На владината седница,  покрај министрите учествуваа и градоначалниците од Североисточниот плански регион. На седницата беше донесена Одлука за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот с. Иловица , во Општина Босилово, а Владата го утврди Предлог – законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Со предлог законот се предвидува можност за утврдување на правен статус на  бесправните објекти од значење за Републиката и од локално значење кои се предвидени со Законот за градење или друг закон, а кои претставуваат градежна и функционална целина заклучно со 1 октомври 2019 –та година.  

Предмет на овој закон се и бесправните објекти од јавен интерес утврден со закон чии иматели се државни органи или единици на локална самоуправа или правни субјекти основани од Република Северна Македонија односно од единиците на локална самоуправа, кои заклучно со 1 октомври 2019 –та година се градежна целина, а не и функционална целина. 

-Ова е третата од низата седници што ги започнавме и што во наредниот период еднаш месечно, ќе се одржуваат во десет различни региони во државата. Започнавме во Битола, бевме во Тетово, и еве не вечерва, со Владата во полн состав, во Куманово.

Сакаме од градоначалниците на овие општини најнепосредно да ги добиеме информациите од интерес на граѓаните. Од тие информации, од она што го очекуваат граѓаните од овие општини и од овој регион да ги утврдиме нашите идни политики и одлуките за проекти кои може да ги реализираат општините со поддршка на централната власт, изјави Зоран Заев, претседател на Влада на РСМ

Градоначалникот Максим Димитриевски смета дека со ваква директна комуникација со Владата и со отворени разговори директно на маса ќе изнајдат начин како да ги решат проблемите на граѓаните.

-Ова е голема можност за нас, не само од Куманово туку и од Североисточниот плански регион, да отвориме голем број прашања и тоа што директно ги засегаат граѓаните и на Општина Куманово и на нашиот регион кој што е еден од најнеразвиените региони во државата. Еден од главните проблеми кој што не засега сега е аерозагадување и тоа ќе една од темите за кои што планираме вечерва да отвориме дискусија, а исто така и комуналните проблеми, финансиските обврски на општините и сето она што значи стратешки долгорочна поддршка за општините кои што доаѓаат директно од извршната власт предводена од Владата, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.

На владината седница вчеравечер, исто така на предлог на Министерство за животна средина и просторно планирање на оваа седница е разгледана и усвоена Информацијата за обезбедување средства за финансирање на пристапен пат до претоварната станица во општина Ранковце со препорака до Јавното претпријатие за државни патишта да направи проценка за изработка на проектна документација и за изградба на патот најдоцна до 16-ти декември годинава. 

Патот е дел од проектот за воспоставување на самоодржлив систем за интегрирано управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион, чија вредност изнесува околу 40.000.000 евра.

За реализација на овој целокупен проект, со кој трајно ќе се реши управувањето со отпадот за Северно-источниот и Источниот регион, неопходно е да се исполнат одредени обврски од страна на општините и јавните комунални претпријатија од двата региона. 

Во наредниот период ќе бидат одржани уште седум владини седници надвор од Скопје.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)