Заев: Време е да донесеме подобар живот

Време е за вистински патриоти за оние кои преземаат акција, кои го почитуваат минатото, но нивниот поглед е фокусиран во иднината. Време е да донесеме подобар живот во Македонија. Време е на 30 септември да донесеме одлука со која ќе се гордееме, одлука за идните генерации, порача вечерва пред кумановци претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев на трибината Излези За европска Македонија.

Тој рече дека го решиле спорот со Грција и дека се зајакнал македонскиот идентитет и македонскиот јазик, кој се впишува во ризницата на светските јазици, но нагласи дека е потребно да се понесе одговорност за европска Македонија.

– Народе мој, денеска нашата генерација има уникатна шанса да напише историја, да биде запаметена како државотворна, ние сите заедно на 30ти септември имаме шанса да ја одредиме нашата заедничка иднина. Време е да бидеме храбри и одлучни, да избереме заедно иднина. Време е да се погледнеме едни со други во очи и да си кажеме дека можеме, ви велам дека можеме бидејќи верувам во оваа генерација, верувам во мојот народ, верувам во Европска Македонија, рече Заев.

Платите, како што потенцираше премиерот, ќе растат, а младите ќе останат. Додаде дека ова е историски момент, оти одлуката на 30 септември е поголема од партиите и дека е време да се остават кавгите настрана и да се види светлината на Европа.

Тој им се обрати и на младите и рече дека на 30 септември одлучуваат за нивната иднина, да одлучат помеѓу светлина и темнина, иднина или изолација.

– Уште еднаш ве повикувам да се вклучите во новата историска одлука која е пред нас бидјеќи одлуката ќе го исцрта вашиот животен пат, бидете будни и гласни, преземете конкретни чекори на 30ти септември, вие одлучувате, за вас, за вашата иднина. Тоа е изборот, напред или назад, светлина или темнина, иднина или изолација, семејство или осаменост. Ве повикувам драги млади, драги граѓани на Европска Македонија, ајде заедно да избереме семејство, европско и стабилно семејство во кое сме безбедни заштитени и во кое имаме сојузници со кои заедно ќе одиме понапред кон јасна иднина, потенцираше Заев.

Обракајќи им се на кумановци, Заев истакна дека Куманово отсекогаш било храбро, историско и прогресивно, борбено и истакна дека сите треба да се одважат во овој нов историски момент. Тој го повика раководството на ВМРО-ДПМНЕ јасно да го изрази својот став за референдумот.

Тој ги повика и членовите на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат определбата за ЕУ и НАТО и да гласаат на референдумот затоа што, рече, тоа ќе значи перспективна Македонија. Тоа рече е наша заедничка должност оти заедничка ни е Македонија.

Пред присутните на градскиот плоштад се обрати и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој ги повика граѓаните да дадат поддршка на 30 септември. Истакна дека во Куманово со средства на ЕУ во вредност од 4,5 милиони евра беше реконструирана канализациската мрежа во градот.

– Јас сакам да создавам и творам заедно со овие луѓе кои што стојат пред вас, со овие луѓе кои ја водат Република Македонија, да оставиме нешто на идните генерации. Затоа ни е потребно да влеземе во големото европско семејство, но претходно да влеземе во колективниот систем за безбедност, а тоа е НАТО, бидејќи друг пат Република Македонија нема. Затоа посакувам да водам и менаџирам, и ќе водам и ќе го воздигнам европско Куманово, затоа што кумановци го заслужуваат тоа. Од овде ве повикувам како човек од вас и за вас, за да излеземе на 30ти масовно сите, да ја дадеме поддршката на референдумот за да им дозволиме на овие млади луѓе зад мене да одат во Европа како Македонци со македонски пасош, рече градоначалникот Димитриевски.

Пред присутните претходно се обрати и ракометната репрезентативка Александра Боризовска која ги потенцираше предностите кои ќе ги има спортот со влезот во Европската унија.

Коментари

коментар(и)