Заев: Социјалната грижа уште посилна во наредниот мандат

„Три години бевме посветени на вистинска грижа за сите граѓани, на градење на фер и праведна држава за сите“, изјави денеска во Куманово, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по средбата со стечајните работници. Носителот на листа во ИЕ 4 потсети дека 12.000 стечајни работници денес добиваат месечен надомест од 8.000 денари, додавајќи дека биле посветени и на подигање на економскиот стандард и извлекување од сиромаштија на лицата приматели на социјална помош, лицата со попреченост, највозрасните кои не остваруваат право на пензија. „И во време на светска здравствена и економска криза не се откажавме од концептот -Парите назад кај граѓаните“, рече Заев.

-Одвоивме 28 милиони евра преку мерката домашна платежна картичка и ваучер за туризам за над 324.000 граѓани. Во следниот период го зголемуваме опфатот на лица кои ќе добијат домашна платежна картичка. Покрај досегашните категории во четвртиот пакет на мерки по 9.000 денари за платежна картичка ќе добијат и стечајните работници, пензионерите со примања до 15.000 денари, самохраните родители како и лицата кои се невработени а не се активни баратели на работа. За три години направивме целосна реформа на системот на социјална заштита.

Во следниот мандат социјалната грижа продолжува уште повеќе и уште подобром вели Заев потенцирајќи дека обезбедуваат повисока социјална помош за 34.000 домаќинства и детски додаток за над 65.000 деца.

-Казните за физичките лица ги намаливме за 75 отсто. Донесовме закон за отпис на камати на долгови за физички лица со тоа избришавме 10 милиони евра долгови на граѓаните, пари кои останаа во нивните буџети. Сериозно ги намаливме извршителските и нотарските трошоци како и цените на катастарските услуги и тука не застануваме. Сето тоа се мерки кои обезбедуваат повеќе пари кај граѓаните, но и фер и правичен пристап кон секој подеднакво. СДСМ покажа дека се грижи за сите, ВМРО покажа дека се грижи само за криминалецот во бегство Груевски и неговите криминални соработници, изјави Заев.

„На 15 јули граѓаните ќе гласаат за концептот кој обезбедува повеќе пари во нивните буџети, не за обнова на режимот кој им ги крадеше парите“, порача  лидерот на СДСМ.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)