Започнаа подготовките за Велигден

Од денеска започнаа подготовките за еден од најголемите христијански празници Велигден. Главен обичај кој се практикува на Велики четврток е вапцувањето на јајца. Обично на овој ден се фарбаат три јајца во црвена боја.

60 годишната кумановка Лила Божиновска, како и многу други домаќинки, ги вапца првите три јајца рано наутро, пред да изгрее сонцето, зашто се верува дека ако тоа се направи подоцна јајцата ќе се расипат.

-Се фарбаат три јајца, едното е за Бог, другото за среќа во куќата, а третото е наречено за моите внуци и снаи, бидејќи не се тука. Инаку обично три се вапцаат, за Господ, за куќа и за здравје. Обично овој ден отсекогаш се фарбале црвени јајца, црвено јајце е знак, симбол на крв, за Божиќ се вели Христос се роди, за Велигден Христос воскресе и се одговара со зборовите Вајстина воскресе. Затоа мислам дека црвената боја е симбол на крв, на убаво, изјави Лила Божиновска.

Таа додава дека иако порано се вапцувало само во црвена боја, сега во поново време се користат повеќе начини на фарбање на јајца, со салфетки, со восок, со резбање и низа други техники. Најубавите јајца се делат на децата и сите кои ќе дојдат да го честитаат празникот.

Велигден е семеен празник и се прославува со најблиските. Помладите обично одат на ручек кај повозрасните, родителите и се подготвува богата трпеза.

– Јас сум 60 години и откога знам за Велигден се подготвува јагнешко со спанаќ, тоа е стара традиција која се практикува и сега,но можеби не во толкави размери. Сега јагнешкото обично се пече. После се подготвуваат и други работи, се прави сарма, но секој прави добар ручек. На Велигден сабајле рано деца со родители или сами одат по јајца, и во секоја куќа што ќе влезат им се дава јајце и паричка, изјави Божиновска.

Наредните неколку дена се оди во црква. Традиција е утре на Велики петок после 17 часот да се носат јајца во црква каде што децата се протнуваат под иконата, а поповите ги посипуваат со миризлива вода. Граѓаните што постат седум недели, во црква одат во недела и се причестуваат, објаснува Божиновска.
Домаќинката која денеска ни ги пренесе обичаите и верувањата за Велигден, и годинава како и лани, празникот ќе го слави со сопругот, бидејќи синовите живеат во Словенија. Но, Лила уште денеска има вапцано јајца со напишани имиња кои ќе ги испрати на своите внуци

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)