Започна екстерното тестирање на матурантите

Во средните училишта во градот од денеска започна екстерното тестирање на учениците во завршните години, кое ќе трае до петок. Речиси во сите училишта тестирањето почна со еден час задоцнување бидејќи имаше технички проблеми во системот. Матурантите кои полагаа во првиот термин од 9 часот и 30 минути, чекаа еден час за да се надмине проблемот. Директорката на економското училиште „Перо Наков“, Лидија Тасевска информираше дека кај нив се тестираат 144 ученици на македонски јазик и 21 на албански јазик.

-Има тестатори по кабинетите а има и набљудувачи од Министерството за образование и наука  и Бирото за развој на образованието.  Подоцна и самите набљудувачи поднесуваат извештај но ние како училиште по завршување на тестирањето до ДИТ поднесуваме извештај во кој наведуваме дали имало отсутни ученици,  некои проблеми, колку ученици се тестирале-нагласи таа.

Од гимназијата „Гоце Делчев“ потврдуваат дека по решавање на техничкиот проблем, тестирањето тече во најдобар ред.

– Од вкупен број на пријавени ученици 123 имаше само еден ученик отсутен, значи 122 ученици се тестирани. Во сите четири дена имаме по една група, мислам дека тестирањето ќе се одвива непречено. Се надеваме во најмала рака да го повториме минатогодишниот резултат, во рангирањето бевме петто училиште, на ниво на државата-нагласи Горан Димитријевиќ, директор на гимназија „Гоце Делчев“.

Од техничкото училиште „Наце Буѓони“ објаснија дека учениците имаат еден час време за да одговорат на 30 прашања. Кај нив проблемот бил решен малку подоцна, па тестирањето започнало дури во 12 часот. Инаку во „Наце Буѓони“ тестови решаваа вкупно 222 ученици.  Екстерното тестирање се спроведува и во средното „Киро Бурназ“, каде што има 63 матуранти.

Според податоците на Државниот испитен центар за тестирањето се пријавени 19.931 матуранти кои полагаат тестови од два предмети. Распоредот за полагање на учениците им беше познат на 18-ти јануари, но предметите по кои ќе бидат тестирани, ги дознаваат три дена пред полагањето.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)