Започна новата сезона во кумановскиот театар

Со осум нови вработувања и четири предвидени проекти, започнува новата сеозна во кумановскиот театар. Како што наведе продуцентот, Симона Тоскиќ, годинава, публиката ќе може да проследни двојно поголем број на изведби на сцената на театарот. Таа изјави дека, како и секоја година, две претстави се финансирани од Министерството за култура, додека останатите се од сопствени средства.

-Планираме повеќе претстави од минатата година. Се работи за текстот „Жена од минатото“ во режија на Нела Витошевиќ и потоа продолжуваме со еден текст во режија на Биљана Радиновска „Зад кулисите“. Во меѓувреме планираме и детска претстава и со тоа ќе ја завршиме првата половина од сезоната, изјави Симона Тоскиќ.

Режисерката на првиот предвиден проект за оваа сезона, Нела Витошевиќ истакна дека за прв пат во театарот се работи текст од современ европски автор и сите што се заинтересирани за ваков тип на претстави, ќе можат да се пронајдат во неговата изведба.

-Стојам зад идејата дека во Македонија многу малку се поставуваат современи текстови. Уште спаѓам во таа помлада генерација на режисери и мене ме интересира таа нова европска драматургија. Да видиме како таа филмска структура на текстот, ние би ја пренеле во театар. Текстот има едноставна порака. Пораката е дека минатото те следи во иднината доколку не го разрешиш и може да донесе до големи последици, наведе Нела Витошевиќ.

Дел од актерската екипа на претставата „Жена од минатото“ е нововработената Нина Максимова која додаде дека за прв пат ќе толкува улога на сцената на кумановскиот театар.

-Станува збор за тинејџерска љубов, тинејџерска врска, којашто завршува така како што ќе заврши, ќе видите кога ќе биде премиерно изведена. Ова ми е прв проект откако сум вработена од јануари. Следниот проект што ќе го работам овде е „Зад кулисите“ од Биљана Радиновска, изјави Нина Максимова.

Вработените се надеваат на успешна изведба, а воедно и успешна сезона во работата на кумановскиот театар.

 

Коментари

коментар(и)