Започна новата учебна година

За околу  17.000 ученици во Куманово денеска започна новата учебна година. Од нив, 1.183 деца првпат седнаа во училишна клупа и се сретнаа со учителот. Основното училиште „Браќа Миладиновци“  со свечен прием им посака топло добредојде на 138 првачиња кои го започнуваат своето основно образование. Воедно, втора година по ред  „Браќа Миладиновци “ е  училиште со најголем број  запишани деца во прво одделение.

-Основното училиште „Браќа Миладиновци“ секогаш приготвува прием за своите првачиња од проста причина затоа што тоа е прва средба на децата со училиштето  и со учителката, што значи дека мора да биде опуштено, мора да ја сфати детето училишната работа на сериозен начин, а во истовреме да не има некој страв и некои негативни чувства кон самото училиште. Довербата на родителите во самото училиште и во наставниот кадар значи дека е голема дека сме успешно училиште и дека работиме онака како што е потребно и на заедницата и на родителите и на учениците, изјави Марина Манојловска, директорка на ООУ „Браќа Миладиновци“

Нема никакви пречки за отпочнување и успешна реализација на наставната програма во оваа учебна година . 11.000 основци и околу 6.000 средношколци денеска тргнаа на училиште. Од Секторот за образование на сите ученици им посакуваат успешно школување, а на наставниците работен старт со максимални напори за што поголема едукација на учениците и реализација  на наставната програма. Што се однесува до уписот во прво оделение, надлежните информираат дека се уште има деца кои не се запишани во ниту едно училиште во градот.

– Недостасуваат околу 400 деца кои не се запишале, причините ќе ги истражуваме во наредните неколку дена и ќе излеземе со поточна информација која е дефинитивната бројка и кои се причините за тоа, во однос на запишување во средните училишта спрема бројот на завршените деветоодделенци од претходната година бројката се совпаѓа меѓутоа недостасуваат дел од ученици од  Липково и Старо Нагоричане кои се запишуваат воглавно во средните училишта во Куманово, изјави Жика Крстевски, раководител на Сектор за образование

Родителите кои чекаа пред училиштето да чујат во која паралелка и кај која учителка нивното прваче се паднало беа повозбудени дури и од самите дечиња. Ги фотографираа, снимаа, се со цел првиот училишен ден на првачињата да им остане во убаво и трајно сеќавање.

-Подготвено е детето, ние  бевме подготвени многу одамна и само го чекавме првиот училишен ден, сака да оди на училиште, нешто од школскиот прибор купивме, а нешто  чекаме  да кажат учителките што треба да се купи , изјави родител

Во текот на приемот на првачињата, директорката Манојловска ги информираше родителите дека „Браќа Миладиновци“  веќе 4 години работи заедно со УСАИД на проектот „Мултиетничко образование “ а училиштето е прво во РМ кое добило знаме и Декларација за успешно завршена работа. Дел од проектот е и реновирањето на објектот Соколана,  а свечениот прием се најавува за 7 Октомври.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)