Започна одбележувањето на патрониот празник на ООУ „Толи Зордумис“

ООУ „Толи Зордумис“ денеска ја започна прославата на Јубилејот – 60 години постоење. Одбележувањето на патронатот ќе биде во наредните четири дена, во кои училиштето ќе ги прикаже активностите, резултатите и успесите од изминатиот период.

Прославата започна денеска со спортските натпревари во мал фудбал и одбојка за предметна настава. Во мал фудбал се натпреваруваа учениците од училиштето домаќин, како и од подрачното училиште во с. Режановце, а гости беа учениците – спортисти од ООУ „Бајрам Шабани“, Куманово. Турнирот во одбојка беше на интерно ниво и учениците се натпреваруваа во тимови меѓу себе.

Учениците од одделенската настава, од прво до петто одделение, се забавуваа на спортските активности „Игри без граници“.

Во 11 часот се одржа литературното читање. По повод патронатот беше распишан литературен конкурс за поетски творби: „Татковината во песна“ за училиштата во општината. Прво место освои Симона Бојковска, ученичка во ООУ „Х. Т. Карпош“, ментор: Весна Алексова. Второто место е за Мелани Ангеловска од ООУ „Карпош“, с. Умин Дол под менторство на Катерина Димитриевска-Арсеновска. Третото место го освои Милош Станковиќ од ООУ „11 Октомври“ со ментор Елизабета Тодоровска.

На читањето беа поканети гостинки – писателки од нашиот град. Професорката Анита Димовска од ООУ „Кочо Рацин“ ја промовираше својата еко-бајка „Зелената кралица“ издадена во збирката „Детелинки- белинки“, преведена и на хрватски јазик на катедрата за македонски јазик на Универзитетот во Ријека. Втората гостинка беше Оливера Трајковска, дипломиран теолог, член на здружението на Друштвото на писатели на Куманово. Таа е основач на Здружението за општествена одговорност „Биди Своја“ и се залага за промоција и афирмација на македонскиот јазик и култура. Во декември 2021 година го започнува самостојниот проект: „Пишувам кирилица, зборувам македонски” и организира натпревар по македонски јазик во основните и средните училишта во Куманово. Третата гостинка беше Силвана Бојковска, дипломиран економист и м-р по културологија. Пишува песни за градски неделни весници, алманаси како и за локални манифестации. Автор е на книгата „Белег”. Со неа го негува кумановскиот дијалект и низ бројни хумористични песни сака да ги развеселува своите читатели. Ја издава и книгата „Традиционалното и современето културно живеење во Куманово“. Во книгата се опишани случувањата во Куманово, на овие простори од праисторијата до денес, преку културниот, духовниот, историскиот, општествениот, економскиот и социјалниот живот на населението.

Со стиховите на наградените ученици и на гостите се заокружи првиот ден од прославувањето на патронатот на ООУ „Толи Зордумис“.

 

 

 

 

 

 

Коментари

коментар(и)